Пролетниот мраз кој ја зафати Преспа во последната недела од март остави пустош зад себе. Овоштарите во овој регион, кој важи за јаболковото срце на Македонија, соочени се со една од најтешките години досега.
Првичните проценки велат дека родот е речиси целосно уништен – на некои насади измрзнувањето достигнало дури 100 отсто.
„Не остана ништо. Цветовите се поцрнети, гранките изгледаат како да е крајот на есента, а не средина на април. Ова ни е најтешката година во последнава деценија“, вели Ѓорги П., овоштар од Ресен кој обработува над 5 хектари јаболкници.
Тој додава дека нема род, нема приход, а долговите не ги прашуваат дали има измрзнување.
Според агрономите, ваквата состојба е директна последица на ненадејниот температурен шок. По невообичаено топлиот февруари, овошките почнаа со рано цветање. Но, ноќните температури кои се симнаа до -6 Целзиусови степени на крајот од март, беа фатални за чувствителните цветови.
„Кога имате температура под нулата во фаза на цветање, штетата е неминовна. Овоштарите не можеа да реагираат на време. Единствено што сега можат е да започнат со употреба на аминокиселини и стимулатори на раст, со цел да се регенерираат стеблата и да се подготват за наредната сезона“, објаснуваат агрономите.
Но, овоштарите се загрижени и за пазарот. Со домашното речиси уништено производство, цените на јаболката ќе скокнат вртоглаво.
Некои проценки велат дека на пазарот килограм може да достигне и до 100 денари. За споредба, лани просечната цена изнесуваше од 20 до 30 денари.
„Ова не е само земјоделски проблем, туку и економски. Ние изгубивме род, државата изгуби извоз, а граѓаните ќе купуваат јаболка по цена на егзотично овошје“, вели Мартин Симоновски, сопственик на откупен пункт во Битолскиот регион.
Министерството за земјоделство веќе најави вонредна проценка на штетите. Но, овоштарите се песимисти – велат дека административната процедура ќе потрае, а помошта ако стигне, ќе биде доцна.
Во меѓувреме, некои размислуваат и за напуштање на производството.
„Ако не се најде начин да се обезбедат барем делумни компензации и стимулации за следната година, многу луѓе ќе го остават земјоделието. Ова не е хоби, ова е егзистенција“, вели Ѓорѓи.
Во услови на глобални кризи и климатски промени, домашното земјоделство станува сè поранливо. Преспа годинава е жив доказ за тоа колку малку треба за да се уништи целогодишен труд – и за жал, оваа приказна сè почесто се повторува.
Б.З.М.