16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКинеските работници се една од најголемите жртви на американските царини (ИНФОГРАФИК)

Кинеските работници се една од најголемите жртви на американските царини (ИНФОГРАФИК)

Иако кинеската економија засега останува стабилна во услови на трговска војна на американскиот претседател Доналд Трамп, мрачниот пазар на труд го оддалечува Пекинг од потребната издржливост, пишува „Bloomberg“.

Тарифите на Трамп од 145 отсто за кинескиот увоз се закануваат да го прекинат пристапот на оваа азиска земја до најголемата светска економија, соопшти „Goldman Sachs Group Inc“ и проценува дека до 20 милиони луѓе – или околу 3% од работната сила во Кина – ќе бидат погодени од трговската војна.

Целосен економски јаз меѓу земјите ќе ја потресе работната сила во Кина, веќе притисната од намалувањата на платите и отпуштањата.

Покрај неизвесните деловни изгледи, зголеменото усвојување на вештачката интелигенција (AI) и автоматизацијата во Кина веројатно придонесуваат за забавување на побарувачката за работа и покрај тековното економско закрепнување од почетокот на годината.

Потпомогнат од владината помош обезбедена кон крајот на 2024-та година, кинескиот економски раст одржа темпо од над 5% во првиот квартал, надминувајќи ја целта на Пекинг.

Спротивно на тоа, анализата на слободните работни места од париската „QuantCube Technology“ покажува дека нивниот број паднал во изминатите два месеци за речиси 30% на годишно ниво.

Економскиот раст на Кина останува стабилен на почетокот на 2025-та година. Графикон: „Bloomberg“

Индексот што ги одразува плановите на бизнисите да ангажираат работници падна во март на најниско ниво во последните шест месеци. Во опаѓање бележи и мерката вработеност во непреработувачкиот сектор.

„Стимулот од четвртиот квартал сè уште не е пренесен на пазарот на трудот“, рече Данкан Вригли, главен кинески економист во „Pantheon Macroeconomics“.

„Компаниите сакаат посигурна економска перспектива пред да ги засилат вработувањата“, додава тој.

Хроничната слабост на пазарот на труд е главна пречка за обидот на Пекинг да ја заживее потрошувачката.

„Вработувањето е под притисок на предизвиците и дома и во странство“, рече Ванг Ксијаопинг, министер за човечки ресурси и социјално осигурување. Таа зборуваше минатиот месец на маргините на годишната сесија на кинескиот законодавен дом, која постави цел да додаде повеќе од 12 милиони луѓе кои ќе бидат вработни во градовите оваа година.

Предизвиците со кои се соочува Кина во обидот да постигне напредок на работните места остануваат, иако економијата има добри резултати на почетокот на 2025-та година, откако минатата година ја заврши пријавувајќи го својот најбрз раст во шест последователни квартали.

Бизнисите пријавија зголемена доверба во продажбата и финансирањето во првите три месеци, што покажува најголем оптимизам во речиси две години.

Силниот економски раст во првите неколку месеци веројатно ја убеди кинеската централна банка да го забави монетарното олеснување. Претставниците на регулаторот се уште ги немаат намалено каматните стапки, ниту износот што банките мора да го префрлат во своите резерви.

Податоците собрани од „QuantCube“ покажуваат дека придонесот на извозот за економскиот раст во Кина остана стабилен од почетокот на април. Потрошувачката се зголемува благодарение на закрепнувањето на трошоците поврзани со домувањето во последните недели.

Потрошувачката во Кина останува пригушена во првите месеци од годината. Графикон: „Bloomberg“

„QuantCube“, алтернативен добавувач на податоци, ги заснова своите проценки за економскиот раст на високофреквентни статистики, како што се податоци за транспорт, нарачки за купување преку Интернет и сателитски податоци.

„Првиот квартал од 2025-та година го продолжува нагорниот моментум забележан во четвртиот квартал во сите сектори“, посочува „QuantCube“.

За да го неутрализира шокот од американските царини, Пекинг треба да ја зајакне домашната побарувачка и да најде алтернатива на пазарот што апсорбира кинески стоки во вредност од 525 милијарди долари од минатата година.

„Bloomberg“ проценува дека откажувањето на испораките на Кина за Соединетите држави би влијаело до 3 отсто од кинескиот бруто домашен производ (БДП). „Goldman Sachs“, која е меѓу меѓународните банки кои ја намалија својата прогноза за раст на кинеската економија, сега предвидува раст од 4% во 2025-та година, откако претходно очекуваше проширување од 4,5%.

Доцна во петокот (11 април), САД објавија дека го ослободуваат увозот на паметни телефони, компјутери и друга електроника од реципрочни тарифи. Ова може да обезбеди одредено олеснување за кинеските извозници, бидејќи одлуката на администрацијата на Трамп опфаќа кинески стоки во вредност од над 101 милијарда долари.

Сепак, растат очекувањата дека кинеските креатори на политики ќе воведат поголем стимул за да и помогнат на економијата да ја исполни официјалната цел од околу 5% раст оваа година. Иако властите веќе сигнализираа дека се движат кон зголемување на потрошувачката, досега усвоените мерки остануваат ограничени.

Како резултат на тоа, довербата кај домаќинствата сè уште не е променета. Индексот на „Morning Consult Intelligence“ покажува слабеење на расположението на потрошувачите на почетокот на 2025-та година.

„Комбинацијата на екстремно високи американски царини, нагло опаѓање на извозот во САД и забавување на глобалната економија се очекува да генерира значителен притисок врз кинеската економија и пазарот на трудот“, предупредуваат економистите на „Goldman“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП