Доналд Трамп сака Киев да ги предаде своите природни ресурси во замена за оружјето што и беше доставено на Украина од претходната, администрацијата на Бајден, но сега има ново барање – да ги преземе минералите и гасоводот за Европа, пишува „Гардијан“, цитиран од Политика.
Ројтерс известува дека разговорите стануваат сè поостри и дека најновиот нацрт на договорот од САД е „максималистички“ во споредба со оригиналните верзии од февруари. Тогаш беше предложено Вашингтон да ги преземе ресурсите на ретки метали, како и нафта и гас, чија вредност беше проценета на 500 милијарди долари.
Повикувајќи се на извори блиски до преговарачките страни, „Гардијан“ пишува дека последниот документ вклучува барање, меѓународната финансиска корпорација за развој на американската влада сега да ја преземе контролата над гасоводот. Инаку, двете делегации за договорот преговараа во петокот.
Најновото барање на администрацијата на Трамп, наводно, се однесува на гасовод што води од западниот руски град Суже до украинскиот град Ужгород, на околу 1.200 километри, на границата со ЕУ и Словачка. Гасоводот, кој беше изграден за време на советската ера, е клучен дел од националната инфраструктура и главна енергетска рута.
На 1 јануари Украина престана да испорачува гас преку таа рута, кога и истече петгодишниот договор со руската државна енергетска компанија „Гаспром“. Двете земји претходно заработија стотици милиони евра транзитни даноци, вклучително и за време на првите три години од војната. Економистот Владимир Ланда од Центарот за економска стратегија, тинк-тенк во Киев, рече дека Американците сакаат „сè што можат да добијат“. „Нивните понижувачки барања од „колонијален тип“ иммаа мали шанси да бидат прифатени од Киев“, предвиде Ланда.
Минатата есен, Володимир Зеленски предложи на Америка да и се даде пристап до неразвиениот минерален сектор на Украина. Тој предвидуваше договор во кој администрацијата на Трамп ќе испорачува оружје на Украина, во замена за идните профити од заедничките инвестиции. Наместо тоа, Трамп одби да даде безбедносни гаранции или воена поддршка, но сепак ги сака минералите. Минатата недела тој се пожали дека Зеленски се обидува да го „повлече договорот“ и рече дека украинскиот претседател ќе има „големи проблеми“ доколку не го прифати.
Зеленски во четвртокот рече дека е подготвен да направи договор за модернизација на неговата земја, но дека Украина може да се согласи само ако има „паритет“ меѓу двете страни, со поделба на приходите „пола и пола“. „Јас само го бранам она што и припаѓа на Украина. Тоа треба да биде од корист и за Соединетите држави и за Украина“, рече Зеленски.
Во петокот, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, разговараше со Владимир Путин во Санкт Петербург. Решението на Виткоф за конфликтот беше да и ги даде на Русија четирите украински провинции за кои тврди – вклучително и територијата контролирана од Украина, која е дом на милион луѓе, пишува „Гардијан“.