Ако некогаш сте се запрашале „каде ми отидоа парите?“, не сте сами. Месечната плата уште не ни легнала на сметка, а веќе е во сериозна фаза на исчезнување.
Иако не купивме ништо луксузно, не бевме на скапа вечера, ниту пак планиравме одмор на Малдиви – парите си отидоа. Тивко. Без поздрав.
Добредојдовте во светот на невидливите трошоци – тие мали, ситни, банални плаќања кои делуваат безопасно, но заедно имаат моќ да ви ја испразнат сметката побрзо од шопинг на „црн петок“.
„Мене кафето ми е 70 денари, ама ако го пијам секој ден, тоа се над 2.000 денари месечно. А кога ќе додадам и некоја крофна, грицки – доаѓа до 3.000 денари. Тоа ми е рата за кредит“, вели Јасмина Лазаревска, 32-годишна административна работничка од Кисела Вода, која води детален буџет во тетратка. „Се ужаснав кога првпат ги собрав трошоците само од маркети за ‘нешто ситно’!“
Најопасниот непријател на нашиот буџет не е кризата, туку „само ова ќе земам“ синдромот.
Утринско кафе од пекара, пакетче мастики, грицки во маркет, нова батерија за далечинско (а купивте и батерии за фен и играчки, за секој случај)… И сето тоа секој ден. Збирно, една мала финансиска саботажа.
„Луѓето често не ги сметаат ситните трошоци како сериозна работа. Ама токму тие ја шират дупката во џебот. Една недела ако се следи секој денар, се гледа дека ‘без врска’ се даваат илјадници денари. СМС порака за паркинг, вода во шише, неиспланирани трошоци, дефекти – тоа е реалноста“, коментираат експертите.
И тука некаде во приказната, доаѓаат и тие: глоби. Дали за брзо возење, паркирање на погрешно место или за некоја друга работа – тоа се оние изненадни удари кои ви го празнат паричникот.
„Ми стигна казна од 1.200 денари затоа што не платив за паркинг… а застанав за три минути пред маркет“, вели Александар од Ѓорче Петров, видно вознемирен. „После тоа – само со точак се движам“.
Ситните задоволства, пак, се посебна категорија. Како чипсот што „само денеска“ сте го купиле, сокот што не сте го планирале, новата апликација за мобилен „што само еднаш се плаќа“ – сите тие ситни трошоци, кога ќе се соберат, прават сериозна сума.
„Годинава решив да запишувам сè. По три месеци, открив дека сум дала речиси 12.000 денари само за грицки и за достава. Со тие пари можев да си земам дури и нов телефон на рати“, раскажува Татјана Мирчевска од Волково.
И додека се жалиме на инфлацијата, реалноста е дека понекогаш самите си ја инфлацираме платата – трошејќи ја на работи кои не ни ги паметиме после два дена.
Решение? Има. Бара дисциплина. Едноставна тетратка со трошоци, апликација за следење буџет или барем волја да се каже „не“ на чоколадо при секое чекање во редот на каса. И најважно – финансиска свест.
Затоа, следниот пат кога ќе прашате „каде ми се парите?“ – проверете под седиште во кола, меѓу грицките и празните амбалажи. Можеби се скриени таму.
Б.З.М.