Кина ќе продолжи да презема одлучни и силни мерки за заштита на своите легитимни права и интереси откако денеска стапија на сила американските царини од 104 отсто за увоз на кинески стоки, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан.
Тој посочи дека Кина нема да дозволи некој да го лиши кинескиот народ од неговото легитимно право на развој и нема да дозволи штета на кинеските интереси, објави Глобал тајмс.
Новите царини што САД ги воведуваат на земјите ширум светот, вклучително и 104 отсто за Кина, стапија на сила денеска.
Покрај високите царини за Пекинг, САД воведоа царини за увоз од десетици други земји, вклучувајќи 46 отсто за Виетнам, 32 отсто за Тајван, 25 отсто за Јужна Кореја, 24 отсто за увоз од Јапонија, 20 отсто за сите земји од Европската унија.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека знае што прави кога воведува високи царини за земјите ширум светот, откако предизвика критики и загриженост ширум светот поради ваквите потези.
Кина најави дека утре ќе воведе дополнителни царини за американските стоки. Пекинг сега ќе воведе увозен данок од 84% на САД – зголемување од 50% од претходните давачки.