17 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоскапуваат половните возила на авто-плацевите

Поскапуваат половните возила на авто-плацевите

Граѓаните кои планираат да купат половен автомобил од увоз би можеле да се соочат со непријатно изненадување во наредните месеци.

Цените на ваквите возила се очекува значително да пораснат, а причината за тоа доаѓа од другата страна на Атлантикот – поточно од Белата куќа.

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царински мерки кои директно влијаат врз извозот на возила, што се рефлектира и на македонскиот пазар.

Екипата на порталот Денар направи теренска анализа и разговараше со неколку сопственици на автоплацеви во Скопје, кои веќе ги чувствуваат последиците од новата политика.

Според нив, увозот на половни возила од Европа станува сè поскап, а дел од трошоците мора да ги префрлат и на крајните купувачи.

„Ова што го прави Трамп директно влијае на нас. Царините се зголемени и тоа значи дека секое возило што ќе го увеземе од Европа сега нè чини повеќе – и транспорт, и царина, и други давачки. Ако досега автомобил од 7.000 евра нè чинеше околу 8.500 со сè, сега веќе оди и над 10.000 евра“, вели Музафер, сопственик на автосалон во Скопје.

Зголемување од 15 до 30 проценти

Според соговорниците, поскапувањето ќе варира зависно од типот на возилото, неговата марка, староста и моторот.

Најпогодени ќе бидат моделите кои доаѓаат директно од САД – претежно јапонски и германски брендови кои таму се продаваат по пониски цени, а овде се препродаваат по поволни услови.

„Некои модели може да поскапат и до 30%. Сè уште имаме на лагер стари залихи по стари цени, ама кога тие ќе се потрошат – новите цени ќе бидат сосема други. Тоа ќе го почувствуваат купувачите многу брзо“, додава друг дилер од Чаир.

Причината лежи во одлуката на Трамп да ги зголеми увозните царини за автомобили, особено кон европските и азиските брендови, што автоматски ја зголемува вредноста на секој автомобил кој се извезува од САД. Целта, како што тврди Вашингтон, е да се заштити домашната автомобилска индустрија.

Но оваа мерка има глобален одраз – вклучително и на мали пазари како македонскиот, каде секојдневно пристигнуваат стотици половни автомобили од САД преку пристаништата во Хамбург, Риека или во Бар.

Граѓаните – загрижени и збунети

Од друга страна, граѓаните кои веќе долго време планираат да купат возило, се најдоа во незгодна позиција.

Некои од нив се обидуваат да го забрзаат процесот и да купат автомобил пред да стапат на сила новите цени, додека други, пак, чекаат и се надеваат дека мерките ќе бидат краткотрајни.

„Мислевме ова лето да земеме нешто од Америка, некој хибрид или електричен, ама сега ни рекоа дека цените ќе одат нагоре. Се мислиме дали да купиме сега, или да бараме од Европа“, вели Борис од Карпош, кој веќе неколку месеци разгледува возила на интернет.

Увозниците бараат решение

Автоувозниците, пак, бараат решенија, некои од нив веќе пренасочуваат дел од набавките, но велат дека Европа останува клучна дестинација за добри и конкурентни автомобили.

„Европа е пазар на кој секојдневно се продаваат и откупуваат стотици илјади возила. Цените се добри, возилата се проверени, а со транспорт преку брокери – исплатливо е и за нас, и за клиентите. Сега со царините, тоа се менува“, објаснува друг продавач од Скопје.

Сепак, за македонските граѓани најважно останува прашањето – дали ова поскапување ќе биде трајно или само привремена реакција на новата политика на САД.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП