Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Европа е подготвена за преговори со Вашингтон. Таа нагласи дека „Европа е секогаш подготвена за добра зделка“.
Таа на САД им понудила договор за отстранување на царините за сите индустриски стоки како дел од трговските преговори, а доколку преговорите не успеат, тие се подготвени многу жестоко да возвратат на политиката на Доналд Трамп.
„Точно е дека понудивме царини нула за нула за индустриски стоки, како што тоа успешно го направивме со многу други трговски партнери претходно“, рече Фон дер Лејн.
Таа додаде дека од понудата се исклучени фармацевтските производи, бакар, дрво, полупроводници и енергија.
„Европа е секогаш подготвена за добра зделка и затоа го ставаме ова на маса. Но, ако одговорот е негативен, ние сме подготвени да возвратиме со контрамерки и да ги браниме нашите интереси“, рече претседателката на Европската комисија.
Да потсетиме дека Трамп најави сеопфатни царини од 20 отсто за увозот од Европската унија, кои ќе стапат на сила на 9 април. За челикот, алуминиумот и автомобилите се применува посебна стапка од 25 отсто. Вкупно ќе бидат погодени повеќе од 380 милијарди евра производи произведени во ЕУ.
Таа ги нарече сеопфатните царини на Трамп „голема пресвртница за САД“ што ќе има „огромни трошоци“ за американските потрошувачи и ќе и нанесе голем удар на светската економија. Таа посочи дека овие тарифи не се ниту веродостојни, ниту оправдани.
„Преферираме договорено решение, но доколку е потребно ќе ги искористиме сите достапни инструменти за да возвратиме“, заклучи таа, потврдувајќи дека потенцијалното решение го вклучува инструментот против принуда (АЦИ), кој беше воведен во 2023 година, но никогаш не бил активиран.