7 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВерски туризам во Скопје - уникатно искуство за домашни и за странски...

Верски туризам во Скопје – уникатно искуство за домашни и за странски гости

Скопје, градот кој во себе ја крие историјата на различни култури и религии, сè повеќе станува привлечна дестинација за развој на верскиот туризам.

Богатството од сакрални објекти, како манастири, цркви и џамии, го претвора главниот град во важен центар за туристи од земјата, регионот и пошироко.

Верскиот туризам е специфична гранка која освен посета на верските места, опфаќа и запознавање со културата, традицијата и историјата која се поврзува со одредена религија.

Во тој контекст, Скопје може да се пофали со разновидна понуда која е атрактивна за домашните и странски туристи.

Меѓу најзначајните православни објекти кои задолжително треба да се посетат е манастирот „Свети Пантелејмон“ во селото Горно Нерези, изграден во 12 век. Фреските од овој манастир, дело на византиски мајстори, се сметаат за едни од најубавите примери на византиската уметност во Европа.

Во непосредна близина на градот се наоѓа и манастирот „Свети Никита“ во село Бањани, кој привлекува посетители со уникатна архитектура и спокојна околина.

Црквата „Свети Спас“ во самиот центар на градот е една од најпосетуваните атракции поради извонредниот дрвен иконостас изработен од браќата Филиповски во 19 век.

Во рамките на црквата се наоѓа и гробот на револуционерот Гоце Делчев, што дополнително ја зголемува нејзината историска важност.

Верскиот туризам во Скопје не би бил комплетен без посета на катедралниот храм „Свети Климент Охридски“ кој се наоѓа во центарот и е најголем православен храм во градот.

Црквата е современо архитектонско ремек-дело кое привлекува посетители со својот изглед и прекрасните икони во внатрешноста.
За оние кои сакаат да го истражат и исламското наследство, Старата скопска чаршија е задолжителна дестинација. Мустафа-пашината џамија и Султан Муратовата џамија, изградени во османлискиот период, се значајни места кои ги посетуваат бројни туристи заинтересирани за мултикултурната историја на градот.

За значењето и зголемената заинтересираност за верскиот туризам во Скопје зборувавме со Верица Седловска, вработена во туристичка агенција која организира специјализирани тури низ црквите и манастирите околу Скопје.

„Верскиот туризам последниве години станува сè популарен во Скопје. Најчесто гостите бараат организирани тури во кои ќе можат за еден ден да ги посетат најзначајните верски објекти. Најпопуларни места се манастирите Свети Пантелејмон и Свети Никита, како и црквата Свети Спас. Нашите тури ги комбинираат духовниот аспект и културното богатство на градот, поради што гостите често остануваат воодушевени“, објаснува Седловска.

Таа додава дека најголем интерес има од странски туристи од Србија, Бугарија, Грција, но и од западноевропските земји, кои сакаат подобро да се запознаат со традицијата и верската историја на Македонија.

Иако верскиот туризам во Скопје има голем потенцијал, сепак постои потреба од поголема промоција и информирање за значењето на овие објекти.

Според туристичките работници, тоа би овозможило дополнително зголемување на интересот и економските придобивки за градот.
Во иднина, туристичките агенции очекуваат дека интересот за оваа гранка на туризмот ќе продолжи да расте, особено со подобра инфраструктура и со поголема промоција на Скопје како уникатна верска дестинација во регионот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП