2 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд Европа до Јапонија - Охрид очекува најразновидни гости ова лето

Од Европа до Јапонија – Охрид очекува најразновидни гости ова лето

Охрид, македонскиот туристички бисер, и оваа година е подготвен да ги отвори портите за илјадници гости кои од сите страни на светот ќе го посетат во летните месеци.

По неколку сезони во кои се чувствуваше колебливоста од светските кризи, туристичките работници сега со оптимизам ги најавуваат најмасовните посети во последните неколку години.

Хотелиерите и угостителите се во последните фази на подготовки за гостите од Европа, Азија, па дури и од прекуокеанските земји, кои со себе ќе донесат освежување во локалната економија.

„Оваа сезона ветува многу. Веќе имаме зголемување од над 30 проценти во раните резервации во однос на лани. Најголем дел од туристите доаѓаат од Полска, Холандија, Србија, но радува и фактот дека имаме голем интерес од далечните пазари како Јапонија и САД“, вели Зоран, менаџер на хотел во центарот на Охрид.

Тој додава дека за туристите годинава се подготвени нови, модернизирани сместувачки капацитети, подобрена угостителска понуда и дополнителни содржини како ексклузивни тури со брод, велосипедски патеки, но и специјални програми за посета на културните знаменитости во градот.

Покрај хотелите, приватните апартмани и викенд-куќи се речиси целосно букирани уште од крајот на февруари.

Според Јованка Настеска, сопственичка на приватен апартмански комплекс, оваа година туристите многу порано ги направиле своите резервации.

„Веќе од почетокот на годинава добивме резервации за јули и август. Луѓето се воодушевени од природата, од чистотата на езерото, но и од гостопримливоста на локалните жители. Годинава, освен стандардните гости од Србија и од Бугарија, ќе имаме и туристи од Велика Британија и од Норвешка, што за нас е огромен успех“, објаснува Настеска.

Општината Охрид исто така најавува дека оваа сезона ќе биде исклучителна и во организациска смисла, бидејќи веќе се подготвуваат бројни манифестации кои ќе го зголемат интересот кај туристите.

Покрај традиционалниот Охридски фестивал, оваа година ќе има и неколку нови културно-забавни настани, кои дополнително ќе ги привлечат туристите.

„Во јули и август подготвивме богата програма. Нови фестивали на храна и вино, концерти на отворено, и многу спортски активности. Сакаме Охрид ова лето да пулсира со туристи“, брифираат од Општина Охрид.

Локалните жители и бизнисмените со насмевка велат дека „тријат раце“, очекувајќи сезона каква што долго се немало, со надеж дека ова ќе биде пресвртна точка за уште поголем развој на туризмот во регионот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП