22 април, 2025
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕВо Скопје сите јадат исто – зошто рестораните ја избегнуваат опцијата „а-ла...

Во Скопје сите јадат исто – зошто рестораните ја избегнуваат опцијата „а-ла карт“?

Во скопските ресторани, семејните прослави и поголемите свечености се главно организирани со однапред утврдени менија, додека опцијата „а-ла карт“ – избор на храна според моменталната желба на гостите – е вистинска реткост.

Граѓаните кои сакаат да направат поразлична прослава, со можност за поголема слобода при избор на храната, се соочуваат со значително намалена понуда.

И покрај тоа што опцијата „а-ла карт“ подразбира поголема удобност и можност секој гостин да го нарача тоа што лично го сака, повеќето ресторани избегнуваат ваква практика.

Причината, како што велат сопствениците на рестораните, е главно практична и поврзана со организираноста на кујната.

„Ние, како ресторан, би сакале да им овозможиме на гостите слобода во изборот, но од организациски аспект тоа е доста тешко. Замислете, во ист момент да примате различни нарачки од 100 гости, секој со посебна желба – едниот сака риба, другиот телешки стек, трет салата… Едноставно, тоа би создало хаос во кујната и би го одложило целото служење“, објаснува Петар, сопственик на ресторан во Карпош.

Но, спротивно на оваа пракса, постојат граѓани кои тврдат дека би биле спремни да платат и повисока цена доколку им се дозволи ваквата опција.

Мимоза Кочовска, мајка на две деца која неодамна организирала роденденска прослава, вели дека со „а-ла карт“ избор прославата би била многу подобра.

„Секогаш кога ќе одиме на организирана прослава, се случува да има гости кои не сакаат или не можат да јадат некое јадење од однапред зададеното мени. На крајот, храната останува, луѓето се незадоволни, а домаќинот се чувствува неудобно. Мислам дека кога би постоела опцијата да се избере храна по желба, прославата би добила целосно друга димензија и сите би биле позадоволни“, вели Кочовска.

Проблемот најчесто е во логистиката, сметаат угостителските експерти.

„Ресторани кои ќе воведат ваква практика сигурно ќе привлечат повеќе клиенти. Но, мора да се знае дека за тоа е потребна посебна подготовка, добро обучен персонал и многу добра организација во кујната. Ако некој го постигне тоа, ќе биде многу барано место во градот“, велат експертите.

Додека оваа практика во странство е сосема нормална, скопските ресторани сè уште се држат до стандардизираните менија.

Прашањето дали во иднина ќе се смени ваквата состојба останува отворено, но јасно е дека граѓаните бараат поголема флексибилност за прослави и свечености кои ќе останат запаметени.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП