18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд Македонија во Косово – дали ова ќе стане новиот тренд на...

Од Македонија во Косово – дали ова ќе стане новиот тренд на печалба?

Во последните неколку години, Косово стана сè попривлечно за македонските работници кои бараат подобра заработка.

Од градежништво и угостителство, па сè до ИТ секторот и трговијата, Македонците се сè побројни на косовскиот пазар на труд.

Според проценките, нивните примања се значително повисоки отколку во Македонија, што е главната причина за оваа нова печалбарска насока.

Плата поголема од македонскиот просек

Според економските аналитичари, платите во Косово за одредени професии се значително повисоки од оние во Македонија.

„Во градежништвото, на пример, искусните работници можат да заработуваат од 1.200 до 1.500 евра месечно, што е речиси двојно повеќе од платите во истиот сектор во Македонија. Во угостителството, келнери и готвачи добиваат од 800 до 1.200 евра, додека во ИТ секторот платите варираат од 1.500 до 3.000 евра, зависно од искуството и позицијата“, вели Александар Дојчинов, експерт за економски развој.

Додека во Македонија минималната плата сè уште е под 400 евра, работниците кои заминуваат во Косово велат дека успеваат да спечалат повеќе и да заштедат за своите семејства.

„Тука сме ценети како работници“

Меѓу оние кои се одлучиле да ја напуштат Македонија и да заминат на работа во Косово е и Никола Стојчевски, кој пред две години започнал да работи во градежна компанија во Приштина.

„Работам како електричар, а платата ми е 1.300 евра. Овде има многу работа, особено во градежништвото, бидејќи Косово брзо се развива. Најголемата разлика е тоа што тука ни ги почитуваат договорите и редовно нѐ исплаќаат, што не беше случај во Македонија“, вели Стојчевски.

Освен градежништвото, Македонците се барани и во секторите како угостителство и трговија.

Ерол Мемети, кој работи како менаџер во еден ресторан во Приштина, споделува свое искуство:
„Дојдов овде пред една година и не жалам. Платата ми е 1.100 евра, а трошоците за живот не се многу високи. Приштина е модерен град, има многу странци и многу можности. Главната причина зошто заминав е што тука ми понудија подобри услови од оние што ги имав во Македонија“, вели Мемети.

Дали печалбарството во Косово ќе стане тренд?

Трендот на заминување на македонски работници во Косово сè уште не е масовен, но бројките растат.

Според податоците на македонските агенции за вработување, интересот за работни места во Косово е двојно зголемен во последните две години.

„Сè повеќе работници прашуваат за можности во Косово, особено оние со занаетчиски вештини. Косовските компании често нудат повисоки плати и подобри услови од македонските, што ги привлекува нашите луѓе“, објаснуваат од агенција за посредување при вработување.

Иако Косово не е традиционална дестинација за македонските печалбари, зголемената побарувачка за работници и подобрите финансиски услови може да го променат ова.

Додека дел од заминатите размислуваат за враќање во Македонија, повеќето од нив велат дека моментално не гледаат подобра алтернатива.

„Овде се снајдов, имам сигурност и добра плата. Не знам дали би се вратил во Македонија, освен ако не се сменат работите“, заклучува Никола Стојчевски.

Со оглед на ваквите сведоштва и зголемениот интерес, Косово изгледа како нова можност за македонските работници кои сакаат подобра заработка.

Дали ова ќе биде долгорочен тренд или само моментална можност, останува да видиме.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП