9 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапуштениот добиток во Крива Паланка го вклучи алармот – дали некој ги...

Запуштениот добиток во Крива Паланка го вклучи алармот – дали некој ги злоупотребува субвенциите?

Крива Паланка се соочува со сериозен проблем предизвикан од запуштен крупен добиток, кој се движи слободно низ градот и околните села, предизвикувајќи значителни штети на граѓаните и животната средина.

Оваа состојба, која трае со години, кулминираше со неодамнешната прес-конференција на градоначалникот Сашко Митовски, кој јавно алармираше дека Крива Паланка и нејзините жители се „заложници“ на неколку неодговорни сточари.

Штетите се бројни, а институциите молчат

Според градоначалникот, запуштените животни влегуваат во дворови, уништуваат јавно зеленило, загадуваат водни извори, па дури и предизвикуваат сообраќајни несреќи.

Најдрастични се случаите на угинати животни кои се пронајдени во резервоари за вода, реки и брани, што претставува потенцијална закана за јавното здравје.

„Инспекциските служби располагаат со записници за загадена вода во браната во село Жидилово од удавени говеда, оштетено јавно зеленило и јавни површини, како и бројни тужби и поплаки од граѓаните“, изјави Митовски, додавајќи дека општината трпи сериозни финансиски трошоци за собирање и отстранување на угинатите животни.

И покрај бројните пријави до релевантните институции, вклучувајќи го Министерството за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство, конкретно решение сè уште не е спроведено.

„Решенијата се извршни и правосилни од април 2024 година, но никој не постапува по нив. Кој има интерес оваа голгота да продолжи?“, праша Митовски, апелирајќи институциите конечно да преземат конкретни мерки.

Злоупотреба на субвенции – проблем и во други региони

Според експертите, проблемот со запуштениот добиток не е изолиран само во Крива Паланка, туку е честа појава во различни делови на Македонија.

„Во многу случаи, сточарите не ги одгледуваат животните заради млеко, месо или други производи, туку единствено заради добивање државни субвенции. Говедата се оставени на милост и немилост – не се молзат, не се хранат соодветно, а често и се напуштаат кога ќе престанат да бидат профитабилни. Тоа не е одржливо ниту за стопанството, ниту за животната средина“, велат експертите.

Тие предупредуваат дека ако институциите не преземат поостри мерки против ваквата злоупотреба на субвенции, вакви ситуации ќе станат уште почести.

Граѓаните бараат итна реакција

Жителите на Крива Паланка, кои со години ги трпат последиците, бараат конечно решение.

Тие сведочат дека добитокот често прави штети на нивните имоти, но најмногу стравуваат од можноста за ширење зарази.

„Децата ни играат во паркови уништени од добиток, а водата што ја пиеме може да биде загадена. До кога вака?“, прашува жител на Крива Паланка.

Градоначалникот Митовски потенцира дека проблемот мора итно да се реши, а институциите да почнат да го спроведуваат законот.

Тој најави дека ќе продолжи со притисок врз надлежните, сè додека проблемот не биде конечно решен.

Дали конечно ќе има конкретна акција или Крива Паланка ќе остане заглавена во институционалните лавиринти – останува да се види.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП