Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со тарифи од 200 отсто за алкохолот од земјите на Европската унија (ЕУ), доколку не ја укинат „грозоморната царина од 50 отсто за вискито“.
Доколку не се укине „веднаш“, додаде тој, противтарифата ќе ги таргетира сите вина, шампањи и алкохолни производи кои доаѓаат од Франција и другите земји на ЕУ.
„Тоа ќе биде одлично за работните места за производство на вино и шампањ во САД“, рече американскиот претседател.
Ова е нова фаза од глобалната трговска војна, која ескалира оваа недела со зголемување на царините за 25 отсто на увозот на челик и алуминиум од други земји во Соединетите држави (САД).
ЕУ одговори со контратарифи за американски стоки, вклучувајќи чамци, бурбон и мотоцикли, во вредност од 26 милијарди евра, почнувајќи од април.
„Длабоко жалиме за оваа мерка. Тарифите се даноци. Тие се лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите.
„Тарифите ги нарушуваат синџирите на снабдување и внесуваат несигурност во економијата“, изјави во оваа прилика Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.
Тоа никому не му треба, ниту во Европската унија ниту во САД, додаде таа.
Тарифите се централен дел од целокупната економска визија на Трамп – тој се надева дека тие ќе го поттикнат производството во САД и ќе ги заштитат работните места, но критичарите велат дека наскоро ќе ги зголемат цените за американските потрошувачи.
Тарифите се даноци што се наплаќаат на стоки увезени од други земји. Компаниите кои увезуваат стоки во земјава плаќаат даноци на владата.
Европската унија не е единствена во наметнувањето царини за американскиот алкохол.
Канада воведе царини за американскиот бурбон и веќе почна да го отстранува од полиците на продавниците.
Контратарифите беа одговор на увозните даноци на Трамп за канадски производи.
Извршниот директор на Браун-Форман, кој го продуцира познатиот Џек Даниелс, Лосон Вајтинг, минатата недела изјави дека канадскиот потег е „несразмерен одговор“.
„Мислам, тоа е полошо од тарифата, бидејќи буквално ви ја одзема продажбата и целосно ги отстранува нашите производи од полиците“, рече Вајтинг.