Доналд Трамп им вети на Американците нова ера на просперитет за време на неговата изборна кампања минатата година.
Но, сега, два месеци откако повторно ја презеде функцијата претседател, неговата порака се менува.
Трамп предупреди дека намалувањето на цените ќе биде тешко и дека јавноста треба да биде подготвена за „малку тешкотии“ пред неговите политики да донесат економско закрепнување.
Во меѓувреме, аналитичарите предупредуваат дека се зголемуваат шансите за рецесија, а многумина ги посочуваат економските потези на Трамп како клучен фактор, пишува Би-Би-Си.
Пад на пазарот и зголемен ризик од рецесија
Во САД, рецесијата се дефинира како продолжен и широко распространет пад на економската активност, обично придружен со зголемување на невработеноста и пад на приходите.
Се повеќе и повеќе економски аналитичари сега предупредуваат дека шансите за рецесија се зголемуваат.
„JP Morgan“ ја зголеми својата проценка за веројатноста за рецесија од 30% на 40%, предупредувајќи дека американската политика сега „се оддалечува од растот“.
Марк Занди, главен економист во „Moody’s Analytics“, ги зголеми шансите за рецесија од 15% на 35%, наведувајќи ги тарифите на Трамп како клучен проблем.
„S&P 500“ нагло падна на најниско ниво од септември, како одраз на стравот на инвеститорите за иднината.
Тарифи, неизвесност и забавување на растот
Дел од проблемот доаѓа од воведувањето на нови увозни царини, кои Трамп им ги наметна на клучните американски трговски партнери.
Повисоките увозни цени би можеле да ги намалат профитните маржи на компаниите и да го забават економскиот раст.
Многу компании поради неизвесност ги одложија инвестициите и вработувањата.
Додека во својот прв мандат, Трамп често ги користеше берзанските показатели како доказ за сопствениот успех, тој сега ја минимизира нивната важност.
„Секогаш ќе има промени и прилагодувања“, рече тој минатата недела како одговор на загриженоста од бизнис заедницата. Но, инвеститорите не се убедени.
„Goldman Sachs“ минатата недела ги зголеми проценките за ризикот од рецесија од 15% на 20%, нагласувајќи дека промените во политиката сега претставуваат „клучен ризик“ за економијата. Нивните аналитичари предупредуваат дека ризикот од рецесија дополнително ќе се зголеми доколку администрацијата на Трамп продолжи со својата политика и покрај лошите економски показатели.
Трамп и неговиот народ ја менуваат структурата на американската економија
Многу деловни лидери првично веруваа дека тарифите на Трамп се само алатка за преговори.
Но, сега е се појасно дека администрацијата на Трамп спроведува длабока реконструкција на американската економија.
„Она што сега го сигнализира претседателот и неговиот кабинет е многу поголемо“, вели Брајан Гарднер, стратег во инвестициската банка „Stifel“.
„Тие не водат само трговски преговори – тие ја менуваат структурата на американската економија. Тоа е она што ги движи пазарите во моментов“, вели Гарднер.
Дополнителен притисок доаѓа и од Федералните резерви (ФЕД), кои ги задржаа каматните стапки високи за да се обидат да ги стабилизираат цените.
Податоците од последните недели покажуваат побрзо забавување од очекуваното:
– Продажбата на мало падна во февруари
– Индексите на потрошувачките и деловната доверба кои пораснаа по победата на Трамп сега повторно паѓаат
– Големите компании, вклучувајќи ги „Walmart“, „Target“ и авиокомпаниите, предупредуваат на намалени трошоци.
Дали економските политики на Трамп се сигнал за рецесија?
Технолошките акции веќе беа во ризичен балон, а сега станаа особено чувствителни на економската неизвесност.
„Nvidia“, на пример, имаше огромно зголемување на цената на акциите, од помалку од 15 долари во 2023-та година на речиси 150 долари во ноември 2024-та година.
Аналитичарите претходно предупредуваа дека може да дојде до „балон на вештачката интелигенција“, а сега, со заканата од рецесија, оптимизмот на инвеститорите дополнително слабее.
Џин Манстер, технолошки аналитичар во „Deepwater Asset Management“, оваа недела призна дека неговиот оптимизам е намален.
„Ако влеземе во рецесија, ќе биде исклучително тешко за секторот на вештачката интелигенција да продолжи со сегашниот раст“, рече тој.