Европската централна банка (ЕЦБ) не може однапред да се обврзе да ја продолжи својата монетарна политика и да ги намали каматните стапки, бидејќи еврозоната се соочува со „ризици и несигурности“, изјави во четвртокот претседателката Кристин Лагард.
„Имаме ризици и несигурности насекаде и во овие околности нашата решеност е да стигнеме до нашата дестинација, но тоа ќе го направиме без однапред да се посветиме на одреден пат“, рече претседателката на ЕЦБ на прес-конференција по одлуката за повторно намалување на клучните каматни стапки.
Таа предупреди на трговските тензии и последиците за еврозоната, алудирајќи на тарифите објавени од американскиот претседател Доналд Трамп.
Тоа „ќе го намали растот во еврозоната со забавување на извозот и слабеење на глобалната економија“, рече таа.
Според Лагард, големото зголемување на трошоците за одбрана и инфраструктура може да го поттикне растот во еврозоната, но и да создаде ценовни притисоци.
„Треба да разбереме како ќе функционира, каков ќе биде распоредот, какво ќе биде финансирањето, за да можеме да извлечеме заклучоци и да го оцениме придонесот за растот и влијанието врз инфлацијата“, рече Лагард, алудирајќи на стотиците милијарди евра инвестиции кои оваа недела ги најавија Германија и Европската унија.