22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина предупредува дека ќе одговори на новите царини на Трамп

Кина предупредува дека ќе одговори на новите царини на Трамп

Почнувајќи од 4-ти март, Соединетите држави ќе воведат дополнителни 10% царини за увоз на кинески стоки, објави американскиот претседател Доналд Трамп. Изненадувачки, тој ја поврза оваа одлука со „многу големите и неприфатливи нивоа“ на трговија со дрога од соседните земји на Северна Америка, поддржани, според него, од Кина.

„Доколку САД инсистираат да го следат овој пат, Кина ќе одговори со сите неопходни мерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси“, коментираше малку подоцна портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, цитиран од „Bloomberg“.

Агенцијата потсетува дека претходно во февруари Вашингтон воведе царина од 10 отсто за увоз од Кина. Сега станува збор за дополнителни 10%, дел од мерките на Доналд Трамп за заштита на технолошкиот сектор.

Но, американскиот претседател „можеби си игра со оган“ и овие акции може да доведат до деструктивна трговска војна, предупредуваат аналитичарите на „Bloomberg Economics“.

Според нив, Доналд Трамп ги воведува новите царини без претходни изјави и ги изненадил властите во Пекинг. Уште повеќе, тие треба да стапат на сила во вторник – само еден ден пред конгресот на кинеската Комунистичка партија. Главна тема ќе биде развојот на кинеската економија.

Традиционално, Кина одговара на тарифите откако ќе стапат на сила. Така, на почетокот на февруари, Пекинг воведе и одредени промени во царинската политика, вклучително и построга контрола на извозот на суровини, вклучи две американски компании на списокот на несигурни партнери и започна истрага за злоупотреба на монополската моќ против „Google“.

Следната недела, Кина може повторно да ги активира мерките од првиот мандат на Трамп што ги замрзна дури во 2020-та година. (Европската комисија веќе го направи истото).

За време на состанокот на Политбирото во петокот (28 февруари), претседателот Си Џинпинг разговараше со политичката елита за проширувањето на домашната потрошувачка, кризата на пазарот за недвижнини, како и стабилизацијата на берзите. Сите овие прашања ќе бидат во центарот на разговорите следната недела. За време на состанокот, Си повика на смиреност во врска со сигналите од САД.

Економистите забележуваат дека американските царини ќе имаат мал ефект врз кинескиот економски раст, а всушност контрамерките би поттикнале одреден раст бидејќи Пекинг сигурно ќе обезбеди поддршка за својот технолошки сектор. Кина лесно ќе најде нов пазар за стоката што сега оди во САД, покажуваат и прогнозите.

„Bloomberg“, исто така, коментира дека во оваа фаза двете страни изгледаат претпазливи и не преземаат екстремни дејствија кои би ги уривале нивните односи. Коментарите на Трамп, сепак, ја влошуваат ситуацијата. Двајцата лидери не разговараа официјално откако Трамп ја презеде функцијата кон крајот на јануари, но оваа недела кинеското Министерство за одбрана потврди дека се подготвува за разговори со претставници на американската војска.

Пред неколку дена, американскиот министер за финансии Скот Бесант разговараше и со кинескиот потпретседател Хе Лифен. Според проценките, кинеската страна има намера да постигне договор со САД за царини и да избегне трговска војна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП