Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 27 февруари 2025 година, ги разгледа последните макроекономски показатели, како и информациите за управувањето со девизните резерви во последниот квартал на 2024 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, меѓународните организации очекуваат стабилизација на глобалниот економски раст во периодот 2024 – 2026 година, со врамнотежени краткорочни ризици, но надолни среднорочни ризици поврзани главно со трговската неизвесност и геополитичките тензии. Макроекономската состојба кај нас е во согласност со октомвриските проекции, со годишен раст на БДП од 3% во третиот квартал од 2024 година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал. Просечната годишна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5% и целосно е во согласност со последните проекции на Народната банка. Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер коишто можат да влијаат на агрегатната побарувачка. Во декември 2024 година, вкупните депозити и кредити пораснаа над очекувањата, со годишен раст од 11,4% и 11,2%, соодветно. Анкетните податоци укажуваат на олеснување на кредитните услови и зголемена побарувачка на кредити.

