Германската економија е сериозно загрозена од планираните царини на американскиот претседател Доналд Трамп, повторно предупреди Централната банка на земјата.
Како извозно ориентирана нација, Германија би претрпела „значителни ризици за економскиот раст“ доколку Трамп ја исполни својата закана дека ќе воведе царини, изјави во Франкфурт претседателот на Бундесбанката Јоаким Нагел..
Банката предвидува дека германското економско производство би можело да падне за 1,5 процентни поени во 2027 година како резултат на очекуваната трговска војна со најголемиот трговски партнер на земјата.
Американските тарифи се сметаат за најголем ризик за германската економија, која се бори да се опорави од пандемијата на коронавирус и последиците од руската војна во Украина, при што земјата страда од рецесија две последователни години.
Оценката на Бундесбанката се заснова на предизборните ветувања на Трамп за царини од 60 отсто за кинескиот увоз и десет отсто за производи од Германија и други земји.
Во првите недели на функцијата, Трамп воведе царина од 10 отсто за кинески стоки и најави царина од 25 отсто за целиот увоз на алуминиум и челик, а планирани се и дополнителни царини од 25 отсто за Мексико и Канада. Мексиканските и канадските тарифи се одложени до почетокот на март.
Банката, исто така, претпоставуваше дека трговските партнери ќе одговорат со одмазднички тарифи, како што вети Европската унија дека ќе направи.
„Германската економија значително ќе настрада од таквата промена на политиката“, рече Нагел.
Девалвацијата на еврото може да ја зајакне конкурентноста на германските извозници, но не доволно за да ги надомести негативните ефекти.