Македонскиот пазар на труд бележи значајни промени во последните години, при што одредени индустрии се издвојуваат како најбрзорастечки.
Технологијата, обновливите извори на енергија, автомобилската индустрија, здравствениот сектор и агротуризмот се само дел од областите што привлекуваат сè повеќе инвеститори и создаваат нови работни места.
Технолошкиот сектор – двигател на економијата
Информатичката технологија (ИТ) е убедливо најдинамичната индустрија во Македонија, со постојан раст и побарувачка за квалитетни кадри.
Компаниите кои работат на аутсорсинг, развој на софтвер и сајбер безбедност бележат значително зголемување на ангажманот, а платите во оваа индустрија се над просекот.
Александар Стојчев, ИТ консултант во една од водечките компании во земјава, вели:
„Побарувачката за софтверски инженери, девопс експерти и аналитичари за податоци е огромна. Компаниите не само што нудат конкурентни плати, туку и можност за работа од далечина, што ги прави овие работни места привлечни за младите“.
Обновливи извори на енергија – зелената иднина
Сè поголем број компании инвестираат во соларни и ветерни електрани, а државните субвенции дополнително ја поттикнуваат оваа индустрија.
Потребата за инженери за обновлива енергија, електротехничари и монтажери на соларни панели е во пораст.
„Секторот на обновливи извори на енергија станува стратегиски важен за земјата. Имаме потенцијал за производство на соларна и ветерна енергија, а компаниите сè повеќе бараат квалификувани работници“, објаснуваат енергетските експерти.
Автомобилската индустрија – раст преку странски инвестиции
Во изминативе години, Македонија привлече повеќе странски инвестиции во автомобилската индустрија. Голем број фабрики за производство на автомобилски делови отворија нови работни места, а индустријата постојано бара инженери, техничари и специјалисти за производство.
Менаџер во една од фабриките во индустриската зона кај Скопје, вели:
„Оваа индустрија расте благодарение на странските инвестиции. Работниците со технички вештини, како CNC оператори и механичари, имаат многу можности за вработување“, изјави нашиот соговорни кој сакаше да остане анонимен.
Здравствениот сектор – зголемена потреба за медицински кадар
Здравствената индустрија е една од најстабилните, а со зголемената побарувачка за медицински сестри, доктори, физиотерапевти и фармацевти, многумина гледаат кариера во овој сектор.
Младите кои ќе се насочат кон медицината речиси сигурно ќе најдат работа.
Дури и со средно медицинско образование, можностите за вработување се големи.
Агротуризмот – нова можност за развој
Во последните години, интересот за агротуризам расте, особено во руралните средини.
Сопствениците на мали фарми и етно-села сè повеќе вложуваат во туризам, нудејќи уникатни искуства за домашните и странските посетители.
„Македонија има огромен потенцијал за развој на агротуризам. Со поддршка од државата и добар маркетинг, оваа индустрија може да донесе значителни приходи“, вели Благојче Гоергиев, сопственик на рурален туристички комплекс.
Вештини што ќе бидат најбарани
За оние што размислуваат за преквалификација, најбарани ќе бидат дигиталните вештини, техничката експертиза и знаењето за обновливи извори на енергија.
Познавањето на странски јазици, особено англискиот и германскиот, исто така е голем плус.
Македонија е во фаза на трансформација, а граѓаните кои навремено ќе ги препознаат можностите, ќе имаат подобри шанси за стабилна и добро платена работа.
Б.З.М.