27 март, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАБуџетскиот дефицит на Русија во јануари порасна за 14 пати

Буџетскиот дефицит на Русија во јануари порасна за 14 пати

Фискалниот дефицит на Русија скокна за 14 пати во јануари поради зголемувањето на трошоците од 73,6 отсто на почетокот на годината. Тој достигна 1,7 трилиони рубљи (17,73 милијарди долари), или 0,8 отсто од бруто домашниот производ (БДП), соопшти Министерството за финансии, повикувајќи се на прелиминарни податоци.

„Ова главно се должи на забрзаното финансирање на расходите во првиот квартал и нема да влијае на кварталната насока или на постигнувањето на целните параметри на структурната рамнотежа за 2025-та година севкупно“, велат од Министерството.

Во јануари 2024-та дефицитот изнесуваше 124 милијарди рубљи, потсетува „Reuters“.

Во 2024-та година трета година по ред Русија забележа буџетски дефицит од над 3 трилиони рубљи, или околу 2% од БДП. Трошоците се зголемија за финансирање на инвазијата на Украина и воено-индустрискиот комплекс, но исто така ја поттикна инфлацијата.

Премиерот Михаил Мишустин му рече на претседателот Владимир Путин дека е потребно враќање на „многу одговорните фискални и макроекономски политики“ за да се контролира високата инфлација, која стана најголемата главоболка за руските власти.

Владата ја удвои планираната големина на дефицитот во 2024-та година за да ги задоволи своите финансиски потреби. Бројката на дефицит за јануари ја надмина планираната вредност од 0,5% од БДП за целата година.

Буџетските приходи изнесуваат 2,67 трилиони рубљи, што е за 11% повеќе во однос на истиот период минатата година, покажуваат податоците. Приходите на Русија од нафта и гас се зголемени за 17%, претходно објави Министерството.

Москва очекува трошоците оваа година да се зголемат на 41,47 трилиони рубљи, од кои 41% ќе бидат потрошени за одбрана и безбедност. Се очекува зголемувањето на даночните приходи да го намали фискалниот дефицит на 0,5% од БДП-то.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП