Повеќето Германци се загрижени за економијата и високите цени бидејќи најголемата европска економија, некогаш економскиот мотор на регионот, сега се намалува. Ова го покажуваат резултатите од студијата објавена во понеделникот и цитирана од „Reuters“.
Онлајн анкетата на германскиот реосигурител „R&V“ меѓу 1.000 Германци, спроведена помеѓу 23-ти и 25-ти јануари 2025-та година, покажува дека 70% од учесниците се загрижени за зголемените животни трошоци, во споредба со 57% во претходната анкета спроведена во лето.
„Инфлацијата можеби се намали, но апсолутните цени остануваат високи“, рече Изабел Боруки од Универзитетот „Philipps“ во Марбург, советник за студијата.
Вкупно 68% од испитаниците рекле дека стравуваат од економски пад. Во претходната анкета нивниот удел беше 48%.
Растечката конкуренција од странство, високите трошоци за енергија, зголемувањето на каматните стапки и несигурната економска перспектива влијаеа врз германската економија, која се намалува втора година по ред и треба повторно да се намали во 2024-та година. Економскиот пад е една од главните грижи кај гласачите.
Предвремените избори беа распишани откако во ноември пропадна тројната коалиција на канцеларот Олаф Шолц со Зелените и Слободните демократи. Тој сега води малцинска влада само со неговите социјалдемократи и зелените.
Несогласувањата околу тоа како да се спаси најголемата европска економија придонесе за колапсот на коалицијата. Тешката ситуација најмногу ја погоди легендарната германска автомобилска индустрија – „Volkswagen“ и другите производители на автомобили ги намалуваат работните места додека се трудат да останат во живот.
Повеќе од шест од десет луѓе во Германија сметаат дека политичарите и во власта и во опозицијата се преоптоварени со задачи.
„Довербата на Германците во политичарите е застрашувачки мала“, вели директорот на студијата, Гриша Брауер-Рабинович.
„Многу луѓе повеќе не се чувствуваат претставени, политичките дебати често изгледаат лишени од реалноста и водени од калкулации на политичките партии“, додава тој.
Тројца од четворица Германци сега се загрижени за поларизацијата на општеството, во споредба со 48% во летото 2024-та година. Наглото зголемување на овој удел се должи на серијата напади на јавни места од луѓе со имигрантско потекло и реакцијата на страните на инцидентите.
„Миграцијата се толкува како централно политичко прашање. Ова создава слики на непријателот што може да доведе до понатамошна поделба“, вели Брауер-Рабинович.