16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦената на златото се искачи на рекордни 2.900 долари

Цената на златото се искачи на рекордни 2.900 долари

Цената на златото денеска повторно порасна, достигнувајќи нови рекордни нивоа поради зголемената загриженост за потенцијалните последици од американската тарифна политика.

Утрово на лондонската берза цената на унца злато од 31,1 грама за прв пат се искачи над границата од 2.900 долари.

Во Лондон, унца злато доцна утринава се тргуваше за 2.906,30 долари, што е највисока вредност досега, пренесе германската новинска агенција dpa. Пред една година, унца од овој благороден метал чинеше само околу 2.000 долари.

Цената на златото постојано расте од средината на декември минатата година. За тоа време порасна за околу 12 проценти.

И во евра цената на златото е на рекордно високо ниво. Една унца денеска чинеше 2.814,35 евра, што е повеќе од кога било досега.

„Најновото заострување на трговската политика на САД предизвикува неизвесност на пазарите“, изјави трговецот со благородни метали Александар Зумфе од германската компанија Хереус, пренесува dpa. Зголемената побарувачка за злато ја објасни со тоа што се смета за сигурна инвестиција.

Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на викендот објави дека ќе воведе царини од 25 отсто на целиот увоз на челик и алуминиум во САД. Деталите се очекува да бидат објавени оваа недела.

Рикардо Евангелиста, аналитичар во луксембуршката Activtrades, процени дека побарувачката за злато моментално расте поради две главни причини: загриженост за можните ефекти од протекционистичката насока на новата американска влада врз глобалната економија и врз инфлацијата во САД. Многу инвеститори го гледаат златото како заштита од инфлација.

Зумф, исто така, укажа на континуираната побарувачка за злато од централните банки. Неколку централни банки ги зголемија своите златни резерви минатата година за да станат понезависни од доларот како светска резервна валута. Зумфе истакна дека кинеската централна банка повторно ги зголемила своите златни резерви во јануари.

Доколку продолжи геополитичката неизвесност и растат инфлациските очекувања, нагорниот тренд на златото би можел да продолжи.

„Веруваме дека е возможен пораст кон психолошки важното ниво од 3.000 долари за унца“, рече Зумфе.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП