Стапката на инфлација во Кина се зголеми минатиот месец бидејќи Кинезите ги зголемија трошоците поради прославите на Лунарната Нова Година. Растот на потрошувачките цени во јануари изнесува 0,5 отсто, што е за 0,4 процентни поени повеќе во однос на декември лани и највисок во последните пет месеци, објави денеска Централниот завод за статистика.
Инфлацијата во јануари, која годинава се совпадна со почетокот на долгите лунарни новогодишни празници, беше највисока од август минатата година, кога изнесуваше 0,6 отсто. Тоа е исто така повисоко од прогнозите на аналитичарите, кои беа околу 0,4 отсто.
Кина со месеци се бори да ги зголеми трошоците и да ја заузда дефлацијата бидејќи скромните трошоци, падот на цените на имотот и зголемениот долг на локалната власт го кочат економскиот раст, објави француската новинска агенција АФП.
Според статистичарите, во јануари се зголемиле цените на стоките поврзани со прослави на покриени маси. Свежиот зеленчук поскапе за 2,4 отсто на годишно ниво, а свинското месо за 13,8 отсто. Поскапеа и услугите поврзани со туризмот.
Базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и горивата, забрза на 0,6 отсто во јануари, откако се задржа на 0,4 отсто во декември.
Додека дефлацијата укажува на пад на цените на стоките, таа претставува закана за пошироката економија, бидејќи потрошувачите во такви околности имаат тенденција да го одложуваат купувањето во очекување на дополнително намалување на цените.
Недостатокот на побарувачка може да ги принуди компаниите да го намалат производството, да престанат да вработуваат или да отпуштат работници. Во исто време, можеби ќе треба да го намалат постоечкиот залихи, намалувајќи ја нивната профитабилност со тековните трошоци.
Владата во Пекинг минатата година објави серија мерки за стимулирање на домашната економија, вклучително и намалување на каматните стапки и укинување на ограничувањата за купување станови.