Минатата година Русите купиле рекордни 75,6 тони злато во вид на прачки, монети и накит, покажуваат податоците на Светскиот совет за злато, цитирани од „Bloomberg“.
Ова е зголемување од 6% во споредба со 2023-та година и за над 60% во споредба со пред три години, кога рускиот претседател Владимир Путин нареди почеток на војната во Украина.
Поради западните санкции и ограничувањата на локалната власт, традиционалните шеми што ги користат Русите за да ги заштитат своите заштеди – купување евра или долари – повеќе не функционираат. Во 2024-та година Санкциите против Русија се засилија, а вредноста на рубљата падна.
Агенцијата забележува дека со купувањето злато, руските граѓани се обидуваат да ги зачуваат своите заштеди. Тие потрошиле околу една четвртина од годишниот бруто домашен производ на Русија на благородниот метал.
По почетокот на војната во Украина, владата го укина данокот на додадена вредност за малопродажните набавки на злато, што исто така ја поттикна побарувачката.
Русија произведува околу 300 тони злато секоја година, што е на второто место во светот според овој индикатор.
По почетокот на војната во Украина, светските трговци почнаа да го избегнуваат руското злато, а речиси и да нема залихи во најголемите трговски куќи во Њујорк и Лондон. Руската централна банка исто така го намали купувањето, а пред неколку години беше најголемиот купувач на злато во светот.