Советот на Народната банка на својата последна седница, одржана на четврти февруари годинава, го усвои Кварталниот извештај, во кој се заклучува дека макроекономските движења беа главно во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Инфлацијата и натаму се намалува, економијата и натаму постепено закрепнува, а девизните резерви остварија солиден раст. Но, ризиците сѐ уште постојат. Во Извештајот се наведува дека глобалната економија и натаму закрепнува, при пониска инфлација и поповолни финансиски услови, но сѐ уште има понагласена геополитичка неизвесност, заради војните и конфликтите, како и евентуалните трговски санкции.
Во домашната економија, реалниот БДП во третиот квартал бележи годишен раст од 3%, што е близу до очекувањата во согласност со октомврискиот циклус проекции. Сигналите од расположливите високофреквентни податоци за економската активност во последното тримесечје од 2024 година засега упатуваат на позитивни годишни остварувања, пред сѐ во услужниот сегмент и кај градежната активност. За целата 2024 година, основното сценарио од октомври претпоставува економски раст од 2,3%, но имајќи ги предвид официјалните процени за остварен раст во првите три квартали од годината од 2,6%, постојат изгледи за малку подобри остварувања од проекциите за целата година. Растот би забрзал искачувајќи се на 3,3% во 2025 година и би достигнал 4% на среден рок, при очекувања за поповолно надворешно окружување, поволен амбиент за странски и домашни инвестиции и позитивен придонес од започнатите инфраструктурни проекти. Зголемената геополитичка неизвесност заради војните и конфликтите преовладува на краток рок, додека на среден рок, пак, посилната фокусираност на капиталните инвестиции, вклучително и на новиот план на Европската Унија за раст на Западниот Балкан, би ја зајакнала економската интеграција, којшто би ги подобрила економските изгледи на земјата.

