7 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАШок за онлајн купувачите: Американската пошта не прима пакети од Кина

Шок за онлајн купувачите: Американската пошта не прима пакети од Кина

Поштенската служба на Соединетите Американски Држави (USPS) објави дека „привремено и до понатамошно известување“ повеќе нема да прифаќа пакети од континентална Кина и Хонг Конг, а тоа беше објавено во моментот кога започна тарифната војна меѓу Вашингтон и Пекинг.

„Ги повикуваме САД да престанат да ги политизираат и инструментализираат економските и трговските прашања и да престанат со неправедно потиснување на кинеските компании“, изјави денеска на редовната прес-конференција портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан.

Американската поштенска служба не даде причина за многу краткото соопштение објавено синоќа, кога прецизираше дека „нема да биде засегнат протокот на писма и рамни пратки од истите локации“.

Објавата уследи по реакцијата на Пекинг на американското зголемување на царините за 10 отсто за производите од Кина, кои стапија на сила во вторникот. Како одговор, Пекинг воведе даноци за голем број американски производи: јаглен, нафта, земјоделски машини.

Одлуката на американската поштенска служба би можела барем привремено да го запре влезот во САД на пакетите нарачани преку многу популарни онлајн апликации како што се Шеин и Тему, кои продаваат евтини производи.

Службеник на поштенската служба на Макао денеска за АФП изјави дека пакетите сè уште можат да се испраќаат во САД од кинескиот специјален административен регион.

„Засега не сме погодени, бидејќи прекинот се однесува само на пакетите што доаѓаат од Кина и Хонг Конг“, рече тој.

Предметите со помала вредност претходно беа ослободени од царина во САД, но новата администрација на претседателот Доналд Трамп ја укина таа регулатива, покрај воведувањето дополнителни царини.

Ослободувањето во голема мера им донесе корист на платформите Шеин и Тему, како и на Амазон, при што бројот на пратки ослободени од царински давачки скокна за 600 отсто во изминатите десет години и достигна 1,36 милијарди пакети минатата година, од речиси 140 милиони во 2015 година.

Како одговор на соопштението, акциите на кинеските компании за е-трговија паднаа на берзата во Хонг Конг – акциите на JD.com денеска изгубија 5,6 отсто од својата вредност.

Трамп, исто така, најави воведување царини од 25 отсто за стоки од Мексико и Канада кои влегуваат во САД, но американскиот претседател во понеделникот им одобри едномесечно одложување, откако доби гаранции од властите на овие две земји дека ќе ја зајакнат граничната безбедност.

Мексико, Канада и Кина се главните трговски партнери на САД и заедно претставуваат повеќе од 40 отсто од увозот на земјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП