Испораките на руски гас преку „Турски тек“ за Европа се зголемени за 26,7 отсто во однос на јануари минатата година и достигнаа рекордни вредности, покажуваат податоците на Европската мрежа на оператори на гасни системи (ENTSOG).
Имено, преку гасната станица „Странџа 2 – Малкочлар“, лоцирана на турско-бугарската граница, од 1 до 31 јануари поминале 1,56 милијарди кубни метри гас или во просек по 50,3 милиони кубни метри дневно.
Тоа е за 26,7 отсто повеќе од истиот период во 2024 година, кога низ таа гасна станица поминале вкупно 1,23 милијарди кубни метри гас или во просек 39,7 милиони кубни метри дневно.
Претходниот рекорд беше постигнат во декември 2024 година, кога низ бугарско-турската гасна станица поминаа 1,53 милијарди кубни метри гас.
Да потсетиме дека договорот за испорака на руски гас за Европа преку Украина истече на 31 декември, а Киев ја отфрли можноста за продолжување на договорот дури и ако трета земја го купи гасот пред тој да влезе на украинска територија.
Во моментов, единствениот начин на кој рускиот гас може да стигне до Европа е преку таканаречениот Балкански тек, кој е поврзан со Турскиот тек.
Севкупно, околу 14-15 милијарди кубни метри гас минуваат низ оваа рута годишно и се транспортираат во Романија, Грција, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Унгарија.