Глобалната невработеност остана стабилна минатата година на историски најниско ниво од 5%, каде што се очекува да остане во 2025-та година, се вели во извештајот на Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Но, организацијата со седиште во Женева рече дека забавувањето на глобалниот економски раст од 3,3% на околу 3,2% минатата година и неговото постепено забавување на среден рок ќе го ограничи создавањето работни места.
„Глобалната економија продолжува да се шири со умерено темпо, но се очекува постепено да ја губи пареата, што ќе го попречи посилното и потрајно закрепнување на пазарот на трудот“, коментира МОТ во својот извештај за вработеноста во светот и социјалните трендови.
Во моментов, глобалната невработеност е 5%, што е најниско ниво откако МОТ почна да води статистика во 1991-ва година. Се очекува повторно да се намали во 2026-та година до 4,9%, додаваат од организацијата.
Но, некои земји и групи не успеваат да го искористат позитивниот тренд, при што младите се соочуваат со значително повисока невработеност од 12,6%, се вели во извештајот.
Додека некои европски земји пријавија пад на невработеноста во последниве години, земјите како Јужна Африка бележат постојано високи нивоа од над 30% во 2024-та година, според податоците на МОТ.
Генералниот директор на организацијата, Гилберт Хонгбо, поранешен премиер на Того, повика на храбра акција за отстранување на бариерите за просперитетен пазар на трудот.
„Светот мора да усвои нови пристапи кон социјалната правда за да создаде пристојна работа“, забележува тој во воведот на извештајот.
Документот од 84 страници, исто така, вклучува препораки за поттикнување на отворањето работни места преку инвестиции во образованието и предлог за создавање нови приватни фондови со пари што мигрантите ги испраќаат дома за да се поттикне развојот во посиромашните земји.