8 февруари, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИЕА: Светот се соочува со нова ера за нуклеарна енергија

ИЕА: Светот се соочува со нова ера за нуклеарна енергија

Интересот за нуклеарната енергија е на највисоко ниво од нафтената криза во 1970-тите, забележува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во извештајот посветен на развојот на овој сектор.

Анализата покажува дека електричната енергија е на работ на бум поради растечките потреби, не само поради електричните возила и вештачката интелигенција.

Пазарот, технологијата и политиките за нуклеарна енергија се исто така на ниво да гарантираат нова ера во нуклеарната енергија, посочуваат заклучоците. Но, тоа не може да се постигне само со јавни финансии и мора да се мобилизираат и приватни инвеститори.

Сепак, самата природа на нуклеарните проекти ги исклучува вообичаените шеми кои се типични за финансирање на големи инфраструктурни проекти – изградбата на нов реактор обично трае помеѓу 20 и 30 години од моментот на започнување на проектот.

Поддршката се шири – нуклеарната енергија се гледа како чиста и со конзистентен производствен профил, што ги исполнува целите на зелената транзиција во развиениот свет. Во моментов се градат 63 реактори, со производствен капацитет од 70 гигават часови, што е највисоко ниво од 1990-та година. Во последните пет години е донесена одлука за зголемување на работата на 60 реактори (15% од постојните реактори). За периодот од 2020-та година, инвестициите во нуклеарната енергија надминаа 60 милијарди долари.

Повеќе од 40 земји во светот развиваат нуклеарна енергија, а новите технологии како што се малите модуларни реактори ветуваат уште поголем раст. Првиот таков реактор се очекува да стапи во функција кон крајот на оваа деценија.

Овие капацитети се можност Европа, САД и Јапонија да го вратат лидерството во нуклеарната енергија, посочува ИЕА, додавајќи дека Кина постепено оди напред и е на пат да ги смени претходните играчи.

Агенцијата има развиено неколку развојни сценарија, а според основната линија, во Европа и САД, новите нуклеарни централи само ќе ги заменат оние што се деактивираат. Во сценарио за брз развој, новите технологии ќе придонесат за 40% раст на новите капацитети во развиените економии.

Во некои развиени економии, нуклеарните реактори обезбедуваат над 40% од енергијата во мешавината. На пример, во Франција уделот е 65%, потоа Словачка (63%) и Унгарија (45%). Но, просечната старост на овие објекти надминува 36 години. Досегашната практика во Франција и САД покажува дека реновирањето и продолжувањето на работниот век е скапо и одзема многу време.

Но, малите модуларни реактори се многу конкурентни во однос на цената и всушност даваат можност за влез на приватни инвеститори. Тие можат да бидат изградени за да ги задоволат енергетските потреби на одреден објект – на пример, за центри за податоци. Вистински бум би следел доколку цената на малите модуларни реактори се израмни со онаа на конвенционалните реактори. Во такво сценарио, до 2050-та година би можеле да бидат изградени 190 гигавати.

За брзиот развој на нуклеарниот сектор ќе бидат потребни инвестиции од 120 милијарди долари годишно до 2030-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП