Остеопорозата е болест која ги ослабува коските и го зголемува ризикот од фрактури.
Раното препознавање и прилагодувањата на животниот стил можат да помогнат во превенцијата и лекувањето.
Подолу, откријте осум клучни факти за одржување на здравјето на коските и намалување на ризикот од фрактури кои сите треба да ги знаеме.
Често се нарекува „тивка болест“
Остеопорозата се нарекува „тивка болест“ затоа што напредува без симптоми додека не дојде до фрактура, вели физиотерапевтот Сем Бијд. Болката најчесто доаѓа од фрактурата, а не од самата остеопороза. Фрактурите на ‘рбетот може да предизвикаат губење на висината и закривен рбет, објаснува медицинската сестра Кирсти Карне за The Independent.
Остеопорозата е почеста кај жените
Жените имаат помали и потенки коски од мажите, истакнува Бијд. Дополнително, естрогенот, кој ја штити коскената густина, постепено се намалува по менопаузата, што го забрзува губењето на коскената маса и ги прави жените посклони кон оваа состојба. Бременоста и доењето, исто така, можат привремено да го намалат нивото на калциум, додава тој.
Фрактури при помали активности
Со остеопорозата, коските стануваат кршливи и лесно се кршат, дури и при мали активности како што се свиткување или движење на предмети, објаснува Карне.
Постојат многу фактори на ризик
Бијд објаснува дека возраста, генетската предиспозиција, лошата исхрана (низок внес на калциум и витамин Д), пушењето и прекумерното консумирање алкохол ја намалуваат густината на коските и го зголемуваат ризикот од остеопороза.
Раната дијагноза е клучна
Раната дијагноза спречува скршеници, овозможува навремено лекување и го подобрува квалитетот на животот, објаснува Бијд. Остеопорозата обично се открива преку скенирање на коскената густина кај ризичните лица или по фрактура, истакнува Карне.
Здравиот начин на живот ги зајакнува коските
Разновидната исхрана богата со калциум и витамин Д и редовното вежбање обезбедуваат здравје на коските. Избегнувањето на пушењето и ограничувањето на алкохолот дополнително го намалуваат ризикот, пишува Independent.
Вежбањето ги зајакнува коските
Вежбите како трчање или кревање тегови три до пет пати неделно помагаат во зајакнување на коските и намалување на ризикот од фрактури.
Остеопорозата не може да се излечи.
Остеопорозата не може целосно да се излечи, истакнува Карне, но лековите како алендронат се ефикасни во зајакнувањето на коските и намалувањето на ризикот од фрактури. За повеќето луѓе со остеопороза, ова значи дека ќе бидат на терапија неколку години, а потоа можеби ќе направат пауза за една или две години, а потоа повторно ќе започнат со терапија ако нивните коски почнат да слабеат.