8 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ предупредува на можното влијание на плановите на Трамп врз глобалната економија

ММФ предупредува на можното влијание на плановите на Трамп врз глобалната економија

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди на потенцијалното негативно влијание на економските планови на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп врз глобалната економија, велејќи дека царините што тој ги најавува може да ги влошат трговските тензии, да ги намалат инвестициите и да ги нарушат синџирите на снабдување ширум светот.

Во својата најнова прогноза за глобален економски раст, во чиј дел за ризици доминира претстојното враќање на Трамп во Белата куќа, ММФ исто така предупредува дека „огромната несигурност“ за политиките на идниот американски претседател веќе влијае на берзите ширум светот, според Би-Би-Си.

ММФ наведува дека воведувањето царини, даночни намалувања и дерегулација може да ја поттикне американската економија на краток рок, но на крајот може да има спротивен ефект.

Можноста за зголемување на царините на увозот во САД загрижува многу светски лидери бидејќи ќе биде поскапо за компаниите да ги продаваат своите стоки во најголемата светска економија, се додава.

Тарифите, кои се централен дел од економската визија на Трамп, тој ги гледа како средство за раст на американската економија, заштита на работните места и зголемување на даночните приходи, и се заканува дека ќе ги наметне на Кина, Канада и Мексико на првиот ден од неговиот мандат, 20 јануари.

Кога првпат ја презеде функцијата претседател на САД (2017-2021), Трамп започна трговска војна со Кина. Тој сега предлага царини од 10 отсто за глобалниот увоз, 25 отсто за увозот од Канада и Мексико и 60 отсто за кинеските стоки.

Трамп, исто така, рече дека ќе воведе царини од 100 отсто за групата БРИКС, составена од девет земји, доколку создадат валута што ќе се натпреварува со американскиот долар.

ММФ предупредува дека ваквата политика може да ја отвори вратата за скок на инфлацијата во САД, што може да биде придружено со забавување на економскиот раст, потенцијално ослабувајќи ја силата на американските државни обврзници, во кои инвеститорите генерално имаат голема доверба.

Депортирањето на илегалните имигранти, што исто така го најавува Трамп, би можело „трајно да го намали потенцијалното производство“ и да ја зголеми инфлацијата, додава ММФ.

Светската банка вчера предупреди и дека новите американски царини би можеле да влијаат на трговијата и да го намалат глобалниот раст во 2025 година.

Тие предвидуваат глобален раст од 2,7 проценти во 2025 година, што би бил најслаб резултат од 2019 година, не сметајќи го остриот пад во екот на пандемијата на коронавирус.

Од друга страна, ММФ предвидува „стабилен, иако слаб“ глобален раст од 3,3 отсто и во 2025 година и во 2026 година, додека историскиот просек е 3,7 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП