16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАШпанија ќе им го "загорчи"на странците купувањето недвижен имот

Шпанија ќе им го “загорчи”на странците купувањето недвижен имот

Шпанија планира екстремно висок данок за купување недвижен имот за граѓаните на земјите надвор од Европската унија, објави премиерот Педро Санчез.

Оваа мерка – данок од дури 100 проценти за купување станови и куќи за граѓани кои не се членки на ЕУ – е дел од поширокиот пакет за справување со станбената криза во земјата, јавува Би-Би-Си.

Според податоците презентирани на економски форум во Мадрид, граѓаните надвор од ЕУ купиле 27.000 имоти во Шпанија минатата година. „Повеќето имоти не беа за домување, туку за профит“, истакна Санчез.

„Во сегашната ситуација на недостиг од станови, мора да се погрижиме расположливите имоти да бидат првенствено наменети за жителите“, објасни премиерот.

Овој потег доаѓа во време кога Шпанија, како и многу европски земји, се соочува со сериозни предизвици на пазарот на домување.

Санчез особено ја нагласи потребата да се спречи создавањето на „општество поделено на две класи – богати сопственици на имот и сиромашни станари“, што го смета за еден од клучните предизвици на западните општества.

Во најавениот пакет мерки има и даночни олеснувања за станоиздавачите кои нудат поволни кирии, што треба да поттикне долгорочно изнајмување наместо краткорочно изнајмување на туристите. Дополнително, владата планира да префрли повеќе од 3.000 станови во нов јавен станбен фонд, што би требало да ја зголеми достапноста на становите по пристапни цени.

Посебно внимание се посветува на регулирањето на туристичките апартмани, за што ќе се воведат построги регулативи и повисоки даноци.

„Не е фер сопствениците кои издаваат повеќе станови преку краткорочни изнајмувања да плаќаат помалку даноци од хотелите“, истакна Санчез, најавувајќи унифицирање на даночниот третман на различните форми на сместување.

Експертите очекуваат дека најавените промени би можеле да имаат далекусежни последици за инвестициските текови во шпанскиот сектор за недвижности, особено за инвеститорите од Обединетото Кралство и други земји надвор од ЕУ.

Шпанската влада нагласува дека целта на овие мерки е да се обезбеди одржлив и фер пазар на станови кој првенствено ќе им служи на потребите на локалното население, притоа задржувајќи ја неговата атрактивност за странски инвестиции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП