16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМонтажна куќа или цврста градба - која е вистинската опција за вас?

Монтажна куќа или цврста градба – која е вистинската опција за вас?

Скопје, градот кој е постојано под притисок од урбанизацијата и растечката побарувачка за домување, полека го прифаќа новиот тренд – монтажни куќи.

Овој тип на домови привлекува сè поголем број луѓе поради практичноста, ценовната достапност и можноста за брзо вселување.

Во време кога цените на недвижностите вртоглаво растат, монтажните куќи стануваат привлечна алтернатива за многумина.

Просечната цена за квадратен метар на монтажна куќа изнесува околу 500 евра, што е значително поевтино од класичните градби, каде квадратот може да достигне и до 1.200 евра.

Оваа разлика е особено важна за младите семејства и луѓето кои сакаат брзо да обезбедат свој дом.

Монтажните куќи се изработуваат од висококвалитетни материјали, како дрво, метал и специјални композитни плочи, кои обезбедуваат одлична топлотна и звучна изолација.

Според изведувачите, овие куќи се енергетски поефикасни, што значително ги намалува трошоците за греење и ладење.
Дополнително, нивната еколошка издржливост ги прави атрактивни за луѓето кои се загрижени за животната средина.

Брза и едноставна изградба

Една од главните предности на монтажните куќи е времето потребно за изградба.

Традиционалните куќи бараат месеци, па дури и години за комплетирање, додека монтажните домови можат да бидат готови за само неколку месеци.

Планирањето, изработката на деловите во фабрика и нивното транспортирање до локацијата се клучните чекори, по што следува брз процес на монтажа.

Звонко Б., жител на Скопје, кој неодамна изградил монтажна куќа во близина на скопското село Побожје, вели дека за својот нов дом платил 18.000 евра.

„Куќата ја добив за четири месеци, и тоа целосно според моите желби. Ја прилагодив според моите потреби, а компанијата што ја изведе беше многу професионална. Морав само да обезбедам земјиште и приклучоци“, споделува тој.

Можност за персонализација

Монтажните куќи овозможуваат висок степен на персонализација. Клиентите можат да избираат од различни модели, дизајни и големини, а истовремено имаат можност да додадат уникатни елементи кои ќе го направат домот посебен.

Некои се одлучуваат за модерен минимализам, додека други избираат традиционални дизајни со топол, домашен амбиент.

И покрај многуте предности, монтажните куќи се соочуваат со одредени предизвици. За нивна изградба е потребно земјиште со соодветна инфраструктура, што може да биде дополнителен трошок.

Исто така, за некои луѓе оваа технологија сè уште е нова и недоволно позната, што може да предизвика скептицизам.
Сепак, трендот на монтажните куќи во Скопје продолжува да расте.

Нивната економичност, брзина и еколошки карактеристики ги прават идеален избор за сите што сакаат сопствен дом без да направат компромис со квалитетот и удобноста. Со оглед на зголемената побарувачка, ова решение најверојатно ќе стане составен дел од иднината на урбаното домување.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП