Нараквиците за паметни часовници, кои многу луѓе ги носат секојдневно, може да содржат штетни хемикалии кои го загрозуваат здравјето.
Според студијата објавена во списанието „Environmental Science and Technology Letters“, многу модели на нараквици од познати брендови, како што се „Apple“, „Samsung“ и „Google“, содржат високи концентрации на „PFHxA“ (перфлуорохексаноична киселина), хемикалија која припаѓа на групата „PFAS“ (перфлуоро/полифлуороалкил супстанции).
„PFAS“ често се користат во индустриски и производи за широка потрошувачка, како што се текстил, козметика и пакување храна, поради нивните карактеристики отпорни на вода и пот. Сепак, овие „вечни хемиски соединенија“ тешко се разградуваат во природата и можат да имаат негативен ефект врз здравјето со долготрајна изложеност. Европската унија веќе ја забрани употребата на „PFHxA“ во текстил, пакување храна и козметика.
Студијата анализирала 22 нараквици од различни брендови и открила дека девет од нив содржат високи концентрации на „PFHxA“. Посебно внимание треба да се посвети на спортските нараквици, кои често се направени од материјали како што е флуорната гума. Носењето такви нараквици долго време, особено за време на вежбање кога потта ги отвора порите на кожата, може да го зголеми ризикот од апсорпција на овие хемикалии.
Иако нема доволно податоци за специфичните здравствени последици од носењето нараквици „PFHxA“, експертите препорачуваат претпазливост. Поради потенцијалните ризици, се препорачува да се избегнуваат такви материјали.
Поскапите модели не гарантираат безбедност
Изненадувачки, студијата покажа дека нараквиците поскапи од 30 долари имаат поголема веројатност да содржат „PFHxA“, додека поевтините нараквици (под 15 долари) обично се направени без хемикалија. Ова нагласува дека цената не е мерка за безбедност, но внимателниот избор на материјали е од клучно значење за заштита на здравјето.
Затоа советот, при купување на нараквици за паметни часовници, обрнете посебно внимание на употребените материјали. Избегнувањето на производи означени дека користат „флуорирана гума“ или слични материјали може да помогне да се намали ризикот. Иако се потребни повеќе истражувања за долгорочните последици од „PFHxA“, подобро е да се преземат мерки на претпазливост и да се изберат нараквици направени од побезбедни, природни материјали.