Владата на Јапонија одобри нацрт-буџет за рекордни 115,54 трилиони јени (730 милијарди долари) за следната фискална година, бидејќи трошоците за социјално осигурување и национална одбрана продолжуваат да растат, пренесе новинската агенција Кјодо.
Предложените трошоци за одбрана за прв пат го надминуваат прагот од 8 трилиони јени, достигнувајќи 8,70 трилиони јени. Трошоците за одбрана се зголемија 13-та година по ред, вклучително и трошоците за масовно производство на ракети со долг дострел, во услови на тензии во регионот поради военото засилување на Кина и продлабочувањето на врските на Северна Кореја со Русија.
Предлог-буџетот ќе биде доставен на расправа во парламентот на неговата редовна седница следниот месец. Фискалната година во Јапонија започнува во април.
Иако буџетот предвидува рекордно високи даночни приходи од 78,44 трилиони јени за фискалната 2025-та година, главно поради големите корпоративни приходи, владата исто така планира да издаде нови обврзници од 28,65 трилиони јени за да помогне во финансирањето на буџетот.
Околу една третина од буџетот, или рекордни 38,28 трилиони јени, ќе бидат искористени за покривање на трошоците за социјално осигурување, кои растат бидејќи Јапонија се бори со брзо стареење на населението и се обидува да ја зголеми поддршката за грижа за децата во услови на опаѓање на стапката на наталитет.
За стимулирање на економијата, предлог-буџетот вклучува и обезбедување државно финансирање во полупроводничките, вештачката интелигенција и други сектори, како што се 100 милијарди јени ќе биде доделно на локалниот производител на чипови „Rapidus Corp“.
Владата претходно оваа недела објави прогноза дека јапонската економија се очекува да порасне за 1,2 отсто во реална смисла (приспособена за инфлацијата) во фискалната 2025-та година во споредба со очекуваниот раст од 0,4 отсто во фискалната 2024-та година.
Податоците беа искористени за проценка на даночните приходи во претстојната фискална година, која ќе го одбележи шестиот по ред годишен рекорд. Влијание има и зголемените приходи од данокот на потрошувачка во услови на раст на цените на основните производи.