Вкупниот извоз на руски гас во европските земји годинава бил меѓу 18 и 20 отсто поголем од лани, изјави денеска потпретседателот на руската Влада Александар Новак.
„И покрај сите изјави и притисок од санкции, гасот е високо еколошки производ, тој е баран. А рускиот гас е најпрофитабилен – и логистички и по цена“, изјави Новак, пренесува РИА Новости.
Договорот за транзит на руски гас во Европа преку територијата на Украина истекува на 31 декември, а претседателот на таа земја Володимир Зеленски најави дека Киев нема намера да го обнови договорот со Русија, што доведе до несогласувања со неколку европски лидери, вклучувајќи го и словачкиот премиер Роберт Фиц.
Руски Газпром во вторникот оцени дека потрошувачката на гас во Европа ќе продолжи да се намалува во 2025 година, а стапката на пад ќе зависи од идните политички одлуки, наведува руската агенција.
Според прелиминарните проценки, светската потрошувачка на гас ќе се зголеми за повеќе од 100 милијарди кубни метри до крајот на 2024 година, со највисока стапка на раст забележана од Русија, Кина и Индија.