6 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали Скопје е подготвено за еколошки транспорт или ќе заврши како со...

Дали Скопје е подготвено за еколошки транспорт или ќе заврши како со тротинетите?

Градот Скопје наскоро ќе стане дом на иновативен и еколошки транспортен систем кој ќе овозможи изнајмување електрични возила, слично на веќе постоечкиот модел на изнајмување електрични тротинети.

Компанијата „Авант кар“, која стои зад овој проект, најавува дека тест-фазата ќе започне во февруари 2025 година, а комплетната услуга ќе биде достапна веќе од март.

Овој потег е дел од стратегијата за намалување на загадувањето, подобрување на сообраќајните услови и воведување на модерни транспортни решенија во градот.

„Скопје има потреба од промени кои ќе го направат градот почист и поорганизиран. Веруваме дека електричните возила ќе го постигнат токму тоа – ќе понудат удобен, достапен и еколошки начин на движење низ градот“, велат од компанијата.

Како ќе функционира системот?

Системот ќе биде многу сличен на оној за изнајмување на електрични тротинети.

Корисниците ќе можат преку мобилна апликација да пронајдат најблиско достапно возило, да го изнајмат со едноставен клик и да го остават на означени станици низ градот по завршување на возењето.

За почеток, во системот ќе бидат вклучени стотина електрични возила, а според компанијата, овој број ќе се зголемува зависно од интересот на граѓаните.

Цените ќе бидат прифатливи, најавуваат од „Авант кар“.

„Сакаме оваа услуга да биде достапна за сите. Нашата цел не е само комерцијален успех, туку и придонес кон подобра иднина за градот“, велат оттаму.

Проблеми и предизвици

Иако проектот звучи ветувачки, граѓаните се прашуваат дали Скопје е подготвено за ваква промена.
Исклучително важен ќе биде односот на корисниците кон овие возила.

„Се сеќавам кога ги воведоа електричните тротинети – имаше многу проблеми. Некои луѓе ги фрлаа во Вардар, други ги крадеа. Се надевам дека сега ќе бидеме посовесни“, вели Бранкица Петровска, студентка од Карпош.

„Одлична идеја! Конечно нешто што ќе помогне да се намали загадувањето. Јас секогаш поддржувам вакви иницијативи, но мора да се обезбедат правила за да не завршат возилата како тротинетите – оштетени или несоодветно користени“, додава Александар Костовски, жител на Аеродром.

Други граѓани се малку поскептични.

„Системот е супер на хартија, но прашањето е дали ќе биде доволно одржлив. Доколку цените се превисоки или возилата се недостапни во одредени делови на градот, ова нема да успе“, вели Ивана Цветковска, која секојдневно патува од Ѓорче Петров до центарот на Скопје.

Придобивки за градот

Електричните возила ќе понудат тивка и чиста алтернатива на класичните автомобили кои ја зголемуваат загаденоста во Скопје.

Со помал број автомобили на улиците, сообраќајниот метеж може значително да се намали, што ќе овозможи побрзо и поефикасно движење низ градот.

Дополнително, ваквиот систем е чекор кон усогласување со европските стандарди за одржлив транспорт.

Дали Скопје е подготвено за овој новитет? Времето ќе покаже, но една работа е јасна – иднината на транспортот е електрична, и таа иднина започнува сега.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП