Народната банка за наредната година очекува умерено забрзување на растот којшто би се искачил на 3,3%, со позитивен придонес од сите компоненти на растот, меѓу кои и најавениот јавен инвестициски циклус и повисокиот прилив на странските директни инвестиции. Се очекува забрзување на извозот со понатамошно закрепнување на светските услови, како и позитивен придонес на личната потрошувачка при раст на расположливиот доход и очекувања за солидно кредитирање на населението. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Македонското радио“.
Ангеловска-Бежоска ги посочи трите основни фактори за економскиот раст на една економија − продуктивноста, човечкиот и физичкиот капитал, чиј обем зависи од јавните и приватните инвестиции. За следната година се очекува одредено подобрување кај инвестициите, дури и на среден рок, поради најавениот посилен јавен инвестициски циклус и позначителниот прилив на странските директни инвестиции. Се очекува дека растот на инвестициите во просек ќе изнесува околу 7%. Притоа, Ангеловска-Бежоска посочи дека странските директни инвестиции во првите три квартали од оваа година надминаа 800 милиони евра. „Доколку продолжат овие трендови, тоа е добар сигнал за засилување на инвестициската активност и зголемување на потенцијалот за раст“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска и додаде дека се потребни значителни реформски зафати за да се подигне нивото на продуктивноста во нашата економија, којашто во моментов е половина од просечното ниво на продуктивноста во ЕУ.

