Апликацијата за пораки „Telegram“ стана профитабилна.
Вкупниот приход на „Telegram“ во 2024-та година надмина милијарда долари, објави денеска основачот на оваа социјална мрежа Павел Дуров.
Компанијата, која ја започна својата услуга за премиум претплата во 2022-ра година, сега има 12 милиони корисници кои плаќаат, додаде Дуров.
Дуров, исто така, рече дека фирмата ја завршува годината со повеќе од 500 милиони долари во готовински резерви, не сметајќи ги нејзините средства во криптовалути, известува „Tech Crunch“.
Извршниот директор на „Telegram“ рече дека компанијата исплатила значителен износ од своите должнички обврзници оваа есен, но додаде дека има „многу работа“ во таа област.
Претходно оваа година, во интервју за „Financial Times“ (FT), Дуров рече дека компанијата ќе достигне профитабилност во 2025-та година и дека нејзината цел е да излезе на берза во иднина.
„Telegram“, кој има повеќе од 950 милиони месечни активни корисници, воведе нови функции за бизнисите, додаде услуга за споделување приходи од реклами, им овозможи на креаторите да заработуваат преку платена содржина на каналите и лансираше мини продавница за апликации.