Сè повеќе студенти, разочарани од состојбата на возовите, бараат побрзи, поекономични и поудобни начини за да стигнат до своите дестинации.
Автомобилите, особено споделениот превоз, стануваат нивниот избор број еден.
Нефункционалниот железнички систем ја изгуби довербата кај патниците.
Возовите кои честопати доцнат, лошата состојба на вагоните и недостатокот на инвестиции создаваат чувство на несигурност кај патниците.
Многумина од нив, особено студентите, се вртат кон иновативни решенија кои им овозможуваат да патуваат по свои услови.
Една од најпопуларните опции е организираниот споделен превоз.
Благодарение на социјалните мрежи, младите создадоа мрежи каде што возачите кои имаат слободни места во своите автомобили ги споделуваат трошоците со патниците.
Овие групи стануваат сè попопуларни, бидејќи нудат флексибилност, сигурност и економична алтернатива на традиционалниот превоз.
„Возовите не се решение за мене. Премногу пати сум доцнел на предавања или испити поради нив“, вели студент од Битола. „Сега пишувам во групата на Фејсбук и за неколку минути наоѓам возач кој ми одговара. Цената е ниска, а патувањето е многу покомотно“.
Овој тренд има и своја социјална димензија. Споделениот превоз не е само транспортно решение, туку и можност за создавање нови пријателства.
Во текот на патувањата, студентите често разменуваат мислења, идеи и доживувања, претворајќи го патувањето во пријатно искуство.
„Патувањето со споделен превоз не е само прашање на заштеда, туку и начин да се избегне стресот од доцнења и да се запознаат интересни луѓе“, споделува студентка од Прилеп.
Со оглед на сè позабрзаното темпо на живот и зголемените потреби за сигурен транспорт, автомобилите се покажуваат како решение што ги исполнува очекувањата на младите.
И додека железничкиот превоз сè уште се обидува да го врати изгубениот углед, студентите јасно покажуваат дека креативноста и иницијативноста можат да надоместат таму каде што системот затајува.
Во време кога секоја минута е важна, младите демонстрираат дека не треба да се чека подобрување на инфраструктурата за да се најде поефективен начин на патување.
Автомобилите, со сите свои предности, стануваат симбол на оваа промена.
Б.З.М.