22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАБиткоинот се искачи на рекордно ниво по победата на Трамп, а што...

Биткоинот се искачи на рекордно ниво по победата на Трамп, а што ќе биде во иднина?

Биткоинот ја надмина вредноста од 100.000 долари. На овој начин најпопуларната криптовалута во светот го продолжува својот голем раст по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД.

Последниот скок дојде откако новоизбраниот претседател навести полабав регулаторен пристап за крипто индустријата. Тој рече дека има намера да го номинира Пол Аткинс, кој е поборник за криптовалути, за нов претседател на Комисијата за хартии од вредност (SEC).

Биткоинот се искачи на невидени височини откако Трамп победи на изборите на 5 ноември. На денот на изборите, популарната валута вредеше 69.374 долари, а во средата 103.713 долари, според CoinDesk. Пред само две години, биткоинот падна под 17.000 долари по колапсот на крипто берзата FTX, потсетува Euronews.

Сепак, не е сигурно колку долго биткоинот ќе остане околу границата од 100.000 долари. Како што често се случува во нестабилниот крипто свет, иднината е невозможно да се предвиди. Додека некои се оптимисти за идната сила на криптовалутата, други експерти продолжуваат да предупредуваат на ризици. Што треба да знаеме за Биткоинот?

Што се криптовалути?

Криптовалутите постојат веќе некое време. Сепак, големи се шансите дека сте слушнале за нив само во последните неколку години.

Во основа, се работи за дигитални пари. Овој тип на валута е дизајниран да постои онлајн, без централна власт. Ова е причината зошто генерално не е поддржана од државните влади и банкарските институции. Трансакциите се снимаат со помош на технологија наречена блокчејн.

Биткоинот е најголемата и најстарата криптовалута, иако другите криптовалути се здобија со популарност со текот на годините. Некои од нив се: ethereum, tether и dogecoin.

Одредени инвеститори ги гледаат криптовалутите како „дигитална алтернатива“ на традиционалните пари, но огромното мнозинство од дневните финансиски трансакции сè уште се спроведуваат во традиционални валути како што е доларот. Дополнително, вредноста на биткоинот може многу да варира, а неговата цена зависи од пошироките пазарни услови.

Зошто биткоинот сега расте?

Неодамнешните случувања во врска со Биткоинот имаат врска со исходот од претседателските избори во САД. Доналд Трамп, некогаш скептичен за криптовалутите, вети дека ќе ги направи САД „крипто главен град на планетата“ и дека ќе создаде стратешка резерва во биткоини.

Кампањата на Трамп прифати донации од криптовалути, а тој зборуваше на конференција за биткоин во јули. Тој, исто така, го започна World Liberty Financial со членовите на семејството, нов проект за тргување со криптовалути.

Клучните играчи во крипто индустријата ја поздравија изборната победа на Трамп со надеж дека тој ќе ги протурка законските и регулаторните промени за кои долго лобираа. Генерално, тие имаат за цел зголемено чувство на легитимност без премногу бирократски обврски.

Во средата, Трамп направи чекор во таа насока, објавувајќи дека ќе го номинира Пол Аткинс за претседател на Комисијата за хартии од вредност. Инаку, Аткинс беше комесар во тоа тело во времето на претседателот Џорџ Буш. Во годините откако ја напушти агенцијата, Аткинс се расправаше против прекумерната регулација на пазарот. Во 2017 година, тој се приклучи на организацијата за поддршка на криптовалути Token Alliance.

За време на сегашното раководство предводено од Гери Генслер, SEC ја „скрши“ крипто индустријата. Голем број компании се казнети поради кршење на законите за хартии од вредност. Генслер се соочи со критики од играчите во индустријата во процесот. Главниот правен директор на Робинхуд го опиша пристапот на Генслер како „ригиден“ и „непријателски“. Генслер ќе се повлече од функцијата кога Трамп ќе ја преземе функцијата претседател на САД.

Еден од крипто-пријателските потези што SEC ги направи во јануари беше кога ја одобри употребата на фондови кои котираат на берџстс поврзани со биткоин (ETF) со што им се овозможува на инвеститорите да имаат удел во биткоин без директно да купуваат. Тоа беше доминантниот двигател на растот на цената на биткоинот пред изборите, но дури по изборите беа забележани рекордни приливи.

Кои се ризиците?

Историјата нè учи дека во криптовалутите, парите може да се изгубат исто толку брзо колку што се создаваат. Долгорочните движења на цените се потпираат на пошироките пазарни услови. Тргувањето се одвива во секое време и секој ден.

Кога започна пандемијата на Ковид, вредноста на биткоинот беше нешто повеќе од 5.000 долари. До ноември 2021 година, неговата цена се зголеми на речиси 69.000 американски долари. Во тоа време, имаше голема побарувачка за технолошки средства, која подоцна се намали поради агресивната серија на зголемувања на каматните стапки од страна на ФЕД.

Колапсот на FTX кон крајот на 2022 година значително ја поткопа довербата во криптовалутите воопшто, а Биткоинот падна под 17.000 долари.

Инвеститорите почнаа да се враќаат во поголем број бидејќи инфлацијата почна да се „лади“, а добивките вртоглаво пораснаа поради две причини. Првиот е високите очекувања, а вториот е брзиот успех на ЕТФ.

Сепак, експертите се уште повикуваат на претпазливост, особено за инвеститорите со „потенки џебови“. Полабавите прописи донесени од администрацијата на Трамп може да значат и помалку пречки.

„Би рекол многу едноставно: не преземајте повеќе ризик отколку што можете да си дозволите“, вели Адам Морган Мекарти, истражувач и аналитичар во Kaiko.

Тој додаде дека не постои гатачка врз основа на која со сигурност би знаеле што не чека.

Какво е влијанието на криптовалутите врз климата?

Средствата како што се биткоините се произведуваат во процес наречен „рударење“, кој бара многу енергија. Со текот на годините, операциите кои се потпираат на извори на загадување предизвикуваат особена загриженост.

Универзитетот на ОН и списанието Earth’s Future неодамна објавија истражување кое покажа дека јаглеродниот отпечаток од ископувањето на Биткоин во 2020-2021 година во 76 земји е еквивалентен на емисиите од согорувањето на 84 милијарди фунти јаглен (една фунта е околу 0,45 килограми) од 190 електрани на природен гас.

Најголем дел од потребите за електрична енергија на Биткоин се обезбедуваат од јаглен (45 отсто), потоа од природниот гас (21 отсто) и хидроенергијата (16 отсто).

Влијанието на рударењето на биткоини врз животната средина главно се сведува на изборот на електрична енергија што е неопходна. Индустриските аналитичари тврдат дека употребата на чиста енергија е зголемена во последниве години, што се совпаѓа со зголемените барања за заштита на климата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП