18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкспертите прашуваат: Кој ќе ги плати сега 450 милиони за арбитражата за...

Експертите прашуваат: Кој ќе ги плати сега 450 милиони за арбитражата за „Казандол“!?

Изгубениот арбитражен спор „тежок“ 450 милиони евра за кој зборуваше премиерот Христијан Мицкоски, најверојатно се однесува на рудникот „Казандол“ имајќи ги предвид неофицијалните информации дека веќе некое време пресудата за овој предмет е донесена и познато, но засега официјално не е објавена.

Имајќи ги предвид случувањата кои и претходеа на арбитражната постапка дел од експертската јавноста го поставува прашањето кој ќе ги плати сега 450 милиони евра.

„Цехот од самоволието на дел од политичарите и немањето визија како да се искористи богатиот рударски потенцијал за доброто на сите граѓани, за скоро ќе биде испорачан. Па сега сакам да ги прашам оние гласни противници на рудниците кои неаргументирано заплашуваат народ и докажано шират дезинформации: Подготвени ли сте да преземете одговорност сега? Ќе ги платите ли вие овие 450 милиони долари, прашува во својата последната колумна аналитичарот и рударски инженер, Виктор Грозданов.

Грозданов во колумната вели дека на последиците од една ваква пресуда одамна предупредувал.

„Додека оние лажни еко активисти со цел да си ги прикријат своите вистински антимакедонски активности тврдеа дека се било само „блеф“, дека немало правни основи и се било со цел да се заплашува народ.  Епа еве, стана јасно дека никој не блефира, туку останавме и без рудник и без пари или што би се рекло останавме по  куси ракави и тоа среде зима. Наместо современ комплекс со најмодерна рударска технологија, високо платени работни места и свежи приливи во буџетот, државата ќе треба да плаќа огромни суми пари поради одењето по паметот на луѓе кои ем ништо не знаат од екологија ем не и мислат ништо добро на Македонија“, пишува Грозданов во колумната.

Инаку, до меѓународната арбитража за рудникот „Казандол дојде откако поранешниот премиер Зоран Заев на 27 март 2018 година ја потпиша одлуката за едностран раскин на договорот со тврдење дека има цврсти правни аргументи и откако во Валандово и регионот се одржаа серија протести против изградбата на рудникот.

Од компанијата концесионер „Сардич“ тогаш одговорија дека не се исполнети ниту законските, ниту договорните услови за еднострано раскинување од страна на Владата на Договорот за концесија за експлоатација за рудникот „Казандол“. Според конзорциумот, надлежните државни институции никогаш не утврдиле ниту една неправилност, а концесионерот воопшто не бил ниту опоменуван, ниту пак казнуван. Пред да ја покрене меѓународната арбитража компанијата побара да се пристапи и кон пријателско решавање на спорот, а реагираше и украинската амбасада во земјава. Оттаму истакнаа дека Македонија и Украина имаат потпишано спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестициите во двете држави и спорот треба да се реши со пријателски преговори.

Грозданов истакнува дека пресудата треба да биде освестувачка како за граѓаните, така и за властите за тоа како треба да се пристапува кон носење одлуки особено кога станува збор за капацитетите во однос на рударската индустрија имајќи предвид дека побарувачката на критичните минерални суровини станува се поголема поради потребите на енергетската транзиција кон „зелена“ енергија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП