19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе остане ли Европа без руски гас за Божиќ?

Ќе остане ли Европа без руски гас за Божиќ?

Цената на природниот гас во Европа го запре нејзиниот раст, иако пазарите остануваат чувствителни на веста за прекин на рускиот природен гас. Русија повеќе не е главен снабдувач за европските земји, но долги години трговијата беше под силен притисок од одлуките на Москва.

Загриженоста денес, сепак, ја зголемуваат најновите санкции наметнати од САД против Газпромбанк. Поради нив во прашање се и плаќањата што ги вршат Унгарија, Словачка и сите други земји во Европа, но и Турција за рускиот природен гас. Сите тие имаат рок до 20 декември да најдат начин да продолжат да тргуваат со Гаспром. Тоа автоматски значи дека може да останат без гас од руската компанија и тоа само неколку дена пред Божиќ.

Турција веќе побара од САД исклучок од правилата. Ако го добие, Анкара може да стане посредник меѓу Европа и Русија за плаќањата за гасот, чии испораки ќе минуваат преку „Турски поток“, а потоа и преку територијата на Бугарија.

Според „Bloomberg“, има уште еден потег – Вашингтон би можел да дозволи плаќања поврзани исклучиво со снабдување со енергија за да се спречи нова криза. Други големи руски банки – „Сбербанк“, „Алфа банка“, „ВТВ“ и државната „Внешкомбанк“ – имаат слични лиценци. Овластувањето за поединечни трансакции на овие банки е до 30-ти април 2025-та година.

САД, исто така, би можеле да дадат специјални дозволи за одредени клиенти на „Гаспром“, велат аналитичарите за „Bloomberg“.

Во Европа веќе се загрижени за суспензијата на транзитот низ Украина од 1-ви јануари 2025-та година. а опасноста од целосен прекин на испораките на руски гас (се уште не е јасно како санкцијата ќе влијае на трговијата со течен гас од Русија) предизвикува уште поголема неизвесност на пазарот. Така, тргувањето на холандската берза ТТФ на 21-ви ноември го забележа највисокото ниво на цената на гасот за оваа година – 48,22 евра за мегават час.

Датумот се совпадна и со извештаите дека Гаспром го прекинува снабдувањето со својот долгогодишен европски партнер – ОМВ, како и со студениот бран што ја зафати Европа и ги принуди компаниите за гас да почнат да вадат од складиштата на гас.

Веста не беше изненадување – непосредно пред тоа, австриската компанија го доби арбитражниот случај за прекинатите испораки на руски гас во 2022-ра година. Според „Ројтерс“, „ОМВ“ ја запленила досудената отштета од 230 милилиони евра од количините на гас во октомври, што всушност доведе до прекин на испораките сега. „ОМВ“ соопшти дека обезбедила алтернативи и дека ќе продолжи да ги снабдува своите клиенти со гас без прекин.

Оттогаш транзитот на руски гас низ Украина остана непроменет, а првично беше нејасно каде одат количините наменети за Австрија. Анализите на „Ројтерс“ за тековите во последните денови, сепак, покажуваат дека залихите повторно одат на „ОМВ“, иако сега преку набавки од Словачка. Има и благ пораст на испораките на Чешка, што ја балансира нејзината мешавина со поевтин руски гас.

Потврдата на шемата и континуираните барања на „Гаспром“ за испораки во нормални количини во последните две години преку Украина го задржаа порастот, но цената продолжи да флуктуира околу нивоата од 47-47,50 евра за мегават час во раните попладневни тргувања на „TTF“ на 29-ти ноември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП