22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСитуацијата во Кина и на Блискиот Исток ја зголемува цената на нафтата

Ситуацијата во Кина и на Блискиот Исток ја зголемува цената на нафтата

Цените на нафтата во понеделникот на меѓународните пазари пораснаа до 73 долари за барел, бидејќи трговците се фокусираа на забрзување на активностите во кинескиот индустриски сектор и разгорување на конфликтите на Блискиот Исток.

На лондонскиот пазар цената на барел нафта од типот брент беше за 91 цент повисока отколку на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 72,75 долари. Во Њујорк, суровата нафта WTI се тргуваше за 97 центи поскапа на 68,97 долари за барел.

Трговците на почетокот на неделата ги охрабрија новите податоци од кинеската индустрија, пренесува Мина. Кинескиот индекс на менаџери за набавки во производството се зголеми за 1,2 поени во однос на претходниот месец на 51,5 поени во ноември, што сигнализира најсилен раст на активноста од јуни, покажа извештајот на советодавните фирми Caixin и S&P Global.

Резултатите се во согласност со официјалниот извештај на кинеската статистика објавена во саботата и укажуваат на тоа дека стимулативните пакети почнуваат да се исплатат, објави Ројтерс.

„Цените на нафтата се поддржани од подобри од очекуваните кинески економски податоци, бидејќи загриженоста за кинеската побарувачка досега ги кочеше цените на нафтата“, објасни Џовани Стауново од UBS.

На крајот на минатата недела, трговците се фокусираа на проценките на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), според кои понудата во наредната година треба да ја надмине побарувачката за 1 милион барели дневно, поради очекуваната послаба побарувачка во Кина и посилната понуда од група на независни производители предводена од Соединетите Американски Држави (САД).

ИЕА ги советува членките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), вклучително и групата големи потрошувачи.

Цените беа поддржани на почетокот на оваа недела од новите конфликти на Блискиот Исток.

Либан и Израел се согласија за прекин на огнот минатата недела, но во понеделникот израелските сили убиле најмалку две лица во напади во јужен Либан, соопштија либанските власти.

Во Сирија, пак, милитантните групи зазедоа неколку места во офанзивата во петокот вечерта, принудувајќи ги сириските вооружени сили да се прегрупираат. Сириската армија објави за смртта на десетици војници, а претседателот Башар ал Асад најави одговор.

„Трговците се обидуваат да проценат дали ескалацијата може да предизвика ширење на тензиите во другите земји во регионот на Блискиот Исток“, рече Јеап јун-Ронг од ИГ.

Организацијата на земјите извознички на нафта и сојузниците (OPEC+) го одложи состанокот за производствената политика за неколку дена, а извори минатата недела рекоа дека се подготвуваат да разговараат за ново одложување на зголемувањето на понудата следната година.

Одделно, ОПЕК објави дека барел од нафтената кошница на нејзините членки во петокот се зголеми за 63 центи на 72,45 долари за барел.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП