Еврото значително падна во однос на доларот поради француската буџетска криза, бидејќи лидерката на партијата Национален собир, Марин Ле Пен, се заканува дека нема да ја поддржи владата на премиерот Мишел Барние во клучното гласање за недоверба.
Марин Ле Пен не се согласува со предложениот буџет за следната година и смета дека владата во Париз треба да ги прифати предлозите и измените предложени од нејзината партија, пренесува порталот Fortune.
Според податоците на Forex берзата , еврото падна во однос на доларот на ниво од 1,05 долари.
Француската влада и понуди отстапка во последен момент на Марин Ле Пен и вети дека нема да ги намалува придобивките од лекови, пишува Блумберг.
Трошоците за задолжување на Франција за првпат се изедначија со грчките, со висок јавен долг и слабо балансирање на владата меѓу незадоволството на граѓаните и крајниот рок за усвојување на буџетот за следната година.
Во екот на должничката криза во еврозоната во 2012 година, трошоците за задолжување на Грција, мерени преку приносот на 10-годишните државни обврзници, беа за 37 процентни поени повисоки од приносот на француските обврзници со таа рочност, потсетува Ројтерс.
Приближно 12,5 години подоцна, приносите на долгорочниот грчки долг се движат околу три отсто и се само 0,02 процентни поени повисоки од приносите на францускиот долг.
Грција и натаму е членка на еврозоната со највисок јавен долг, мерено како удел во БДП, од 163,6 отсто на крајот на јуни. Во меѓувреме, Франција и се доближи и го зазеде третото место на листата на „должници“, со јавен долг од 112,2 отсто од БДП.
Што се случи со Франција?
Во јуни, инвеститорите значително ја зголемија премијата за ризик за купување француски долг откако претседателот Емануел Макрон неочекувано распиша предвремени избори по тешкиот пораз на изборите за Европскиот парламент.
Резултатите од изборите покажаа тесна победа на левичарската коалиција, но претседателот Макрон формираше влада предводена од конзервативниот премиер Мишел Барние, со премолчена поддршка на десницата предводена од Марин Ле Пен.
Французите веќе силно протестираа пред изборите против планот на Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање, а анкетите сигнализираат дека владата на Барние може да падне пред Божиќ.
Премиерот мора да го донесе буџетот до средината на декември и во вторникот рече дека може да се повика на член од уставот што му дозволува да го усвои текстот без гласање. Сепак, таквиот потег ќе предизвика гласање за недоверба на парламентот.
Во следната година, Барние сака да ги намали буџетските трошоци и да ги зголеми приходите со зголемување на даноците со цел да го намали буџетскиот дефицит од овогодинешните шест на пет проценти од БДП.