Канадскиот премиер Џастин Трудо му вети на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека Канада ќе ја зајакне контролата на заедничката граница, изјави денеска канадскиот министер за јавна безбедност Доминик Лебланк.
Тој рече дека политичарите разговарале за дополнителни безбедносни мерки што Канада треба да ги воведе.
„Ќе се обидеме да добиеме, на пример, дополнителни дронови, дополнителни полициски хеликоптери, ќе преместиме персонал… веруваме дека границата е безбедна“, рече Лебланк.
Тој истакна дека средбата била многу срдечна и дека двете земји се тесно поврзани економски, пренесе Ројтерс.
„Мислам дека е важно да им покажеме и на Канаѓаните и на Американците дека презедовме видливи мерки на границата“, додаде тој.
Трудо полета за Флорида во петокот за да има вечера со Трамп, кој најави дека ќе воведе царини од 25 отсто за канадските стоки, освен ако Отава не направи се што може за да ги спречи мигрантите да влезат во САД и да го намали шверцот на дрога од Мексико преку Канада во Америка.
Со оглед на тоа што Канада извезува 75 отсто од своите стоки и услуги во САД, новите царини би биле голем товар за економијата на земјата.
Како што наведува добро информиран извор, вечерата меѓу двајцата официјални лица траела три часа, а во текот на разговорот разговарале за повеќе теми како трговијата, безбедноста на границите, одбраната, Украина, НАТО, односите со Кина, како и Состанокот на групата Г7 во Канада следната година, објави магазинот Тајм.
Трамп претходно се закани дека ќе воведе царини од 25 отсто на сите производи кои влегуваат во САД од Канада и Мексико, доколку не го запрат протокот на мигранти и дрогата фентанил преку нивната граница. Канадскиот премиер е првиот лидер на Г7 што го посети Трамп по претседателските избори на 5 ноември, но тимот на Трамп одби да коментира што разговарале двете официјални лица за време на средбата, пишува Тајм.
Трудо претходно предупреди дека воведувањето тарифи може сериозно да ги загрози трговските односи меѓу Канада и САД, вклучувајќи го и договорот НАФТА, кој потоа беше ревидиран за време на мандатот на Трамп.
Трамп ја упати заканата со царини во контекст на борбата против илегалната миграција и трговијата со дрога, особено фентанилот, за кој тврди дека доаѓа од Мексико и Канада. Иако во октомври оваа година на границата меѓу САД и Мексико беа регистрирани 56.530 апсења, бројот на приведените на канадската граница е значително помал – 23.721.
Канадските власти сметаат дека е неправедно Канада да се стави во ист контекст како Мексико и нагласуваат дека се подготвени за дополнителни инвестиции во безбедноста на границите.
Канада е најголемиот трговски партнер на САД, со дневен обрт од речиси 2,7 милијарди долари.
Канада, исто така, ги снабдува САД со клучните индустриски материјали, како што се челик, алуминиум и ураниум.