14 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во Германија во ноември повторно над два отсто

Инфлацијата во Германија во ноември повторно над два отсто

Инфлацијата во Германија повторно забрза во ноември, објави Државниот завод за статистика.

Според прелиминарните податоци, месечната стапка на раст на потрошувачките цени повторно го надмина прагот од два отсто за прв пат од јули.

Цените се зголемени за 0,2 отсто во однос на претходниот месец, објави Дестатис.

Економистите предвидуваат оживување на инфлацијата, но нагласуваат дека растот на цените нема да биде сличен на оној што го предизвика руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година.

Во тоа време, инфлацијата беше поттикната – во Германија со девет проценти во еден момент – од драматичното зголемување на цените на енергијата. Инаку, стапката на инфлација на годишна основа во септември падна на 1,6 отсто, што е најниска од февруари 2021 година.

Германците платиле 1,8 отсто повеќе за храна во ноември отколку 12 месеци порано. Трендот на просечен пораст на цените е забавен во однос на претходниот период, но цената на одредени артикли драстично порасна. На пример, путерот беше 40 отсто поскап отколку во ноември 2023 година.

Цените на услугите поскапеа значително за четири отсто, исто како и минатиот месец.

Во исто време, енергетските производи се поевтини во просек за 3,7 отсто од пред една година. Во октомври падот на цените изнесуваше дури 5,5 отсто, па ефектот од стабилизирањето на цените на енергенсите врз инфлацијата во ноември беше нешто послаб.

Основната инфлација во Германија, односно без нестабилните цени на енергијата и храната, во ноември изнесувала три отсто. Многу економисти веруваат дека базичната инфлација е подобар показател за трендовите бидејќи е помалку подложна на ненадејни промени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП