Европа ризикува да ги загуби инвестициите и индустриските работни места во земји како САД, доколку не успее да ги намали бирократијата и трошоците за енергија. Ова го изјави Мортен Вирод, извршен директор на „АВВ“.
Производителите се принудени да плаќаат повеќе за електрична енергија во Европа отколку во САД и Кина, каде што целокупното регулаторно опкружување е исто така поповолно, рече шефот на швајцарската инженерска компанија во интервју во Лондон.
Според неговите зборови, „трошоците за енергетски интензивните индустрии, како што се хемиското и производството на челик и цемент, се предизвик и ако вака продолжи, инвестициите ќе одат на друго место, а не во Европа“. Ова може да влијае на создавањето работни места во регионот.
Загриженоста на Вирод беше нагласена со низата лоши вести од европските индустриски компании во последните недели, кои преземаа мерки за намалување на работните места и намалување на трошоците за да се справат со слабиот раст и силната конкуренција од кинеските производители.
„АВВ“ е меѓу првите поддржувачи на „Northvolt“, шведскиот производител на батерии кој минатата недела поднесе барање за заштита од банкрот во САД. Ова е пречка за напорите на Европа да стане главен снабдувач на електрични возила. Швајцарската компанија поседува помалку од 1 отсто од „Northvolt“ и не планира да го поддржи со дополнително финансирање, соопшти Вирод.