19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија изгубила на арбитража: Треба да се платат 450 милиони евра поради...

Македонија изгубила на арбитража: Треба да се платат 450 милиони евра поради одлука донесена од претходната Влада!?

Македонија ќе треба да плати 450 милиони долари како резултат на арбитража поради изгубена добивка, соопшти завчера премиерот Христијан Мицкоски без притоа да прецизира за кој спор станува збор.

„Еве ќе ви дадам еден пример, да речеме завршува една арбитража и поради едно такво неодговорно однесување на претходната влада сега вие граѓаните ќе треба да платите 450 милиони долари изгубена добивка. Завршена е таа арбитража“, рече премиерот Мицкоски посочувајќи дека пресудата е донесена поради одлука на претходната власт.

Кој се води арбитражни постапки против Македонија?

По изјавата на премиерот, остана дилемата за кој од арбитражните спорови кои се водат против државата е споменатата пресуда.

Според извештајот на Државниот завод за статистика објавени лани летото, против државата се водат пет арбитражни постапки чија вкупна вредност надминува 1,3 милијарди евра.

„Доколку државата ги изгуби споровите, вкупен износ на средства што потенцијално би требало да се платат се во износ од 82.267.500 илјади денари (945 милиони евра и 420 милиони долари)“, наведуваат од Заводот.

Според извештајот, основната вредност на споровите е во вкупен износ од околу 833 милиони евра, додека пак трошоците, како што се каматите и надоместоците за адвокатски услуги, изнесуваат околу 496 милиони евра.

Инаку последно, како што пишува во Извештајот на ДЗР, Македонија во спор пред странските судови загуби од Хеленик Петролеум. Државата беше обвинета дека не го испочитувала купопродажниот Договор потпишан при преземањето на ОКТА во 1999 година. Хеленик Петролеум побара надомест, зашто државата не откупувала по 500.000 тони мазут од ОКТА, иако така било наведено во Договорот за купопродажба на акции и концесија. Македонија загуби во пресудата на Арбитражниот суд во Париз и беше наложено на фирмата да и плати 21,5 милиони евра пари на даночните обврзници.

Дел од медиумите претходно известија дека од 2017 година наваму најголемиот дел од тужбите кон државата се поради непочитување на обврски од концесии во рударскиот и преработувачкиот сектор. Меѓу нив, е постапката покрената од инвеститорите во одземената концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро на локацијата Казандол во општина Валандово. Концесијата за експлоатација на минерални суровини и беше доделена на компанијата Сардич МЦ. Но, Владата го раскина Договорот со Сардич кога рудникот Казандол беше при крај со изградбата. Компанијата најави дека ќе бара отштета од 380 милиони евра.

Компанијата „Кунико Ресурсис“, пак која управуваше со металуршкиот комбинат Фени индустри, исто така покрена арбитражна постапка, чиј исход засега не се знае. Според дел од објавените информации, најверојатно тужбата доаѓа откако стечајниот управник не ги признал побарувањата на Кунико во износ од 50 милиони евра. Не е познато колкава отштета побарала компанијата.

Арбитражна постапка покрена и словенечкиот бизнисмен со македонско потекло, Блажо Тасев, за нефер и третман во постапката за продажба на рудникот за олово и цинк ‘Саса’ од Македонска Каменица во 2004 година. Откако го загубил спорот пред судовите во Македонија, тој покрена инвестициска арбитража.

Арбитражна постапка е покрената и од индиските државјани Гокул Бинани и Маду Бинани, сопственици на компанијата „Индоминерали“, за поведена стечајна постапка и одземена концесија на рудниците за олово и цинк „Злетово и Тораница“, во 2015 година.

Од она што е познато, уште една фирма води правна битка поради едностран раскин на договор за концесија, но пред домашните судови. Станува збор за едностран раскин на договор за концесија за експлоатација на цинк во југоисточниот дел од земјава. Од фирмата инвеститор, „Еуромакс Ресоурцес“ претходно истакнаа дека доколку правдата не биде задоволена кај нас и тие ќе покренат спор во меѓународна арбитража.

Доколку и оваа компанија инвеститор ја оствари најавата за покренување меѓународна арбитража, на државата и се заканува сума од близу една милијарда евра за отштета само по основа на оваа тужба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП