Finance Think проценува дека двете проектирани стапки – на растот на БДП и на цените – се разумен одраз на моменталните економски движења и претставуваат солидна основа за проектирање на Буџетот. Проекцијата за растот на БДП особено ја поддржува започнувањето со ефективна реализација на клучни инфраструктурни проекти, најавениот инвестициски циклус на локално ниво, и засилената поддршка на приватните инвестиции. Сепак, проектираната стапка останува под притисок од неизвесностите во економското окружување, главно од неодамна ревидираните очекувања за пониски остварувања во економиите на главните трговски партнери, главно на германската економија. Ова е ставот на Институтот за економски анализи Finance Think за клучните проекции во Предлог буџетот за 2025 година.
Експертите сметаат дека во случај на позначајна материјализација на ризиците за растот на европскиот континент, вклучително и поради најавените промени во трговската политика од страна на САД, кои може негативно да се одразат врз трговијата и оттука врз растот и цените, остварувањето раст од 3.7% за македонската економија ќе стане невозможно.
Сепак, Finance Think проценува поголем ризик во сегментот на проектирање на буџетските приходи со номинална стапка на раст од 12.8%, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на реалната стапка на раст на БДП и стапката на инфлација.
Од ФТ имаат повеќе дилеми, меѓу кои:
„Дека економијата ќе расте побрзо од предвиденото? Дека цените ќе растат побрзо од предвиденото? Дека ќе се зголемуваат даночните стапки и стапките на социјалните придонеси? Дека ќе отпочне сеопфатна и бескомпромисна борба со сивата економија?
Finance Think проценува дека првата претпоставка е нереалистична, втората е непосакувана, a третата е ненајавена и делумно неизводлива во овој временски момент. Оттука, како реалистична останува четвртата претпоставка – борбата со сивата економија, за која Finance Think во континуитет укажува и нуди докази базирани на бројки и економска анализа – дека таа крие фискален потенцијал кој надминува 700 милиони евра на годишно ниво – како и препораки од каде може да се почне со цел поголема ефективност на таа борба“, стои во анализата на Finance Think.
Во анализата се додава дека Предлог Буџетот 2025 предвидува пораст на буџетските расходи за 10.3%, што е пониско од проектираните буџетски приходи и е показател за добра намера.
Експертите напоменуваат дека прегледот во проектираната структура на буџетските расходи укажува на одредена фискална консолидација. Дополнително, растот на ставката плати и надоместоци од 8.1% е понизок од проектираниот раст на вкупните расходи, иако и тој раст кој е движен од предвидените зголемувања на платите во дел од јавниот сектор, останува висок.
„Последното не кореспондира со динамиката на продуктивноста на јавната администрација која е во континуитет негативна и стагнантна. Од друга страна, растот на трошоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 14.8% е јасно воден од реализираниот (септември 2024) и предвидениот (март 2025) линеарен пораст на пензиите. Овие две ставки се особено значајни бидејќи ја ослабуваат фискалната консолидација и остануваат да бидат одраз на експанзивниот карактер на фискалната политика, и оттука основен извор на инфлациски ризик во 2025 година“, стои во анализата на ФТ.
Од Finance Think велат дека порастот кај сите трошоците дополнително ја нарушуваат развојната компонента на Буџетот и тој и понатаму останува заробен во социјалните потреби на економијата и општеството во целина. Капиталните инвестиции се проектирани со раст од 13%, и тој раст е поскромен споредено со претходните години. Иако блага, оваа промена може да има структурен карактер, за што Finance Think повикуваше во претходната деценија.
Експертите остануваат на ставот дека и понатаму мора да се има предвид ограничениот институционален капацитет за реализација на јавните инвестиции, за што говори и фактот дека заклучно со средината на ноември 2024, капиталните трошоци се реализирани само до 42.8%. Според овие движења, реализацијата до крајот на годината би изнесувала до 500 милиони евра од предвидените 725 милиони евра.
Според нив овој показател е поразителен. Гледано од таа перспектива, проектирањето на капиталните расходи за 2025 година на ниво од над 800 милиони евра останува со назнаката ‘преоптимистичко’ и со познатиот ризик тие да бидат значајно скратени при првиот ребаланс на Буџетот. Finance Think апелира средствата кои нема да се реализираат од капиталните расходи предвидени за 2025 година, а кои не се врзани со наменски заеми и грантови, да не се пренаменуваат за тековни трошоци, туку само да влијаат врз пониско остварување на буџетскиот дефицит.
И.П